РАСТЕ И ЌЕ РАСТЕ БРОЈОТ НА БОЛЕСТИТЕ НА ДИШНИТЕ ПАТИШТА СЀ ДОДЕКА ДРЖАВАТА НЕ ГО СПРЕЧИ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ, ВЕЛАТ ПУЛМОЛОЗИТЕ

    РАСТЕ И ЌЕ РАСТЕ БРОЈОТ НА БОЛЕСТИТЕ НА ДИШНИТЕ ПАТИШТА СЀ ДОДЕКА ДРЖАВАТА НЕ ГО СПРЕЧИ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ, ВЕЛАТ ПУЛМОЛОЗИТЕМинатата година Скопје често беше меѓу најзагадените градови во Европа. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Државата може повеќе да направи да се намалат респираторните болести, докторите лекуваат кога често е доцна за пациентите, рече проф. д-р Деска Димитриевска од Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје и претседателка на Македонското респираторно здружение, на денешниот 6. Конгрес на Македонското респираторно здружение и 5. Конгрес на Здружението на пневмофтизиолози.

    Д-р Димитриевска кажа дека расте бројот на заболени со респираторни болести, а сѐ додека не се преземаат активности околу намалувањето на загадениот воздух и другите фактори, во земјава ќе има поголем број на болести од респираторниот тракт.

    „Не е многу добро респираторното здравје на македонските граѓани. Низ цел живот работиме на тоа, но докторите се тука да ги лекуваат болестите кога веќе настанале. Многу малку можеме да направиме на превенцијата за да спречиме појава на овие болести. Голем број на фактори влијаат за да се појават болестите. И тука за жал докторите малку можат да направат. Многу повеќе можат да направат политиките на државата да се работи на намалувањето на загадениот воздух, да се намали бројот на пушачи, да се подобрат условите на работа. Сѐ додека тоа не го направиме, во Македонија има и ќе има поголем број на болести од респираторниот тракт. Ние ги лекуваме, тогаш кога ќе ги добиеме на клиника, но тоа честопати е доцна, затоа што од друга страна и не секогаш на време бараат лекарска помош, рече Димитриевска.

    На Конгресот учествуваат околу 300 учесници и 30 странски предавачи од Англија, Шпанија, Словенија, Италија и сите околни балкански земји.

    Професорот на медицина на Универзитетот Саутемптон во Велика Британија, Ратко Ѓукановиќ, кој беше еден од предавачите, рече дека ракот на белите дробови е на првото место на болестите.

    „Постојат некои болести, некои медицински проблеми кои сега заземаат големо внимание. За жал, карцином на белите дробови уште е број еден. Постојат болести каде преваленцата расте и бара големи напори од страна на здравствените служби, а таква е бронхијалната астма која е многу честа – еден од десет деца кои се родиле сега во Британија е со бронхијална астма. Хронична опструктивна пулмонална болест (ХОББ) зазема голем дел од болестите благодарејќи на тоа што луѓето пушат цигари“, рече Ѓукановиќ.

    Според него, докторите се загрижени Ѓукановиќ што загадувањето на воздухот влијае на сите овие болести.

    „Сите земји страдаат од тоа. Постои загадување на воздухот од страна на индустријата. Зависи од земја до земја во однос на тоа колку аерозагадувањето влијае врз зголемувањето на бројот на заболени од карцином на белите дробови, астма… Порано кога јас бев млад, ретко можевме да видиме пациенти со карцином на белите дробови кои не се пушачи, а сега тоа воопшто не е реткост. Сега не мора тоа да значи. Сега повеќе внимание им посветуваме на загадувачите кои се внатре во зградите, односно и на внатрешните загадувачи, а не само на надворешните“, кажа Ѓукановиќ.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира