РОДИЛКАТА ВЕАПОСКА ОД ДЕБАР ОЧЕКУВА ПРАВДА, РЕЧЕ ДЕКА СУПЕРВЕШТАЧЕЊЕТО КОЕ ГО ПРИФАТИ СУДИЈАТА ЌЕ ДОКАЖЕ ВИНА КАЈ ЛЕКАРИТЕ КОИ ЈА ОСТАВИЈА БЕЗ ТРИ ОРГАНИ

    РОДИЛКАТА ВЕАПОСКА ОД ДЕБАР ОЧЕКУВА ПРАВДА, РЕЧЕ ДЕКА СУПЕРВЕШТАЧЕЊЕТО КОЕ ГО ПРИФАТИ СУДИЈАТА ЌЕ ДОКАЖЕ ВИНА КАЈ ЛЕКАРИТЕ КОИ ЈА ОСТАВИЈА БЕЗ ТРИ ОРГАНИПосле 4 години во судница за првпат чуствувам дека правда ќе има, рече Веапоска. (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд во Струга денеска продолжи судскиот процес за осакатувањето на родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, која по породувањето остана без матка, јајник и бубрег. На денешното рочиште од одбраната на обвинетите беше побарано да се изготви ново супервештачење, но судијата Јордан Јованов го одби ваквиот предлог оти, како што рече, биле почитувани процедурите за изготвување на супервештачењето кое ќе биде образложено на следното рочиште.

    „Според она што го имам добиено како податок од вештите лица, почитувани се процедурите, дека имало откажување, дека имало прифаќање од други лица, дека тие составиле комисија зад која одговорно стојат и тврдат дека тоа што е направено непристрасно и професионално, а суштината на вештачењето ќе биде образложена на наредното рочиште“, изјави судијата Јованов.

    Супервештачењето е доверено на установа како што предвидува Законот за кривична постапка и истото е изготвено согласно З

    аконот за вештачење, велат од обвинителството.

    За адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев, очекувано е приговорите и предлозите на одбраната да бидат одбиени.

    „Ако одбраната почне да поставува реторички прашања, зошто тоа не е така направено, зошто ова не е така направено, влегуваме во фазата на безидејност на одбраната. И она што јас веќе подолго време го очекувам, сега почнуваме со вистинското судење, изведување на доказите, распитот на вештите лица, потврдување на нивното знаење, умеење и сето она што го напишале во супервештачењето“, рече Јанев.

    Оштетената Веапоска рече дека очекува правда благодарение на супервештчаењето кое, според неа, ќе докаже вина кај лекарите кои ја оставија без три органи.

    „После 4 години во судница за првпат чуствувам дека правда ќе има. Судијата го прифати супервештачењето благодарение на Судска медицина и на супервештаците правдата ќе ја добијам, правда ќе има и дај боже секогаш да биде вака, секогаш луѓето кога ќе бараат правда по судовите да си ја најдат“, изјави Веапоска.

    Судскиот процес со родилката од Дебар во кој првообвинетиот Мухамед Асани, лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани, лекар-специјализант по гинекологија и акушерство, и третообвинетата Лилјана Јованоска, лекар-гинеколог акушер, се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, започна во 2022. Делото застарува во 2026, а на следното рочиште, кое е закажано за 16 мај, ќе бидат сослушани вештите лица.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира