Возачите на чамци на изворите на Дрим на Свети Наум се жалат дека секоја сезона им е сѐ послаба. На домашните, а и на странските туристи им е скапо да дадат 1.500 денари за групно возење со чамец по изворите на Дрим кои се влеваат во Охридското Езеро, вели Никола Павлески од селото Трпјеjца, кој 28 години ги вози туристите по изворите.
„Годинава, кога ќе им ја кажам цената ме гледаат со сомнеж нашите, па дури и странците. Некои одат да проверат кај другите мои колеги дали цената е таа. Наплатувам 300 денари по човек, или 1.500 за група што мислам дека е реална цена. Во тие половина час до 40 минути, на гостите им раскажувам за историјата на изворите и секојпат со ист мерак“, ни рече Павлески.
Најмногу се израдувал пред неколку недели, кога турист од Романија му донел негова слика од пред 27 години кога почнувал да вози по изворите.
„Истиот човек сум го возел и тогаш и сега, тоа ми е најголемата награда, кога некој го памети мојот труд и времето што сме го поминале заедно“, ни рече Павлески. Со некои мои гости низ годиниве уште сум во контакт.
А, омилена приказна кога тој им ја раскажува на туристите е онаа од 1999, кога Ричард Гир бил во Охрид, а по изворите го возел токму тој. Ричард Гир за време на бегалската криза во Косово во 1999 ги посети и Скопје и Охрид, а по изворите на Дрим го возел Павлески.
„Го паметам како многу едноставен човек, беше љубопитен и внимателно ме слушаше кога раскажував за историјата на ова место“, ни кажа Павлески и рече дека жали што нема слика за спомен.
Во Дрим има 30 подводни и 15 крајбрежни извори. Вкупниот капацитет е околу 7,5 метри кубни во секунда. Изворите се формираат во мало езерце со површина од 30 хектари и длабочина од 3,5 метри. Температурата на водата никогаш не е над 11 степени. Во турата на Никола Павлески е вклучена и посета на трите цркви во близина: Пресвета Богородица, Св. Атанасие и Св. Петка, од чија чешма што тој по традиција полни вода за него и за туристите.
Павлески вели дека речиси 30 години, живее од овој бизнис, а во слободно време пишува песни за Охрид. Една песна има снимено во 1990-тите, на касета. Сите негови приказни и анегдоти со туристите, планира да ги објави во книга.
М. ЏАРОВСКА