Кина ги предупреди другите земји дека ќе возврати доколку склучат договори со САД кои им штетат на интересите на Пекинг, во услови кога трговската војна меѓу двете најголеми светски економии се заканува да вовлече и други нации.
Овие коментари доаѓаат по извештаите дека САД планираат да извршат притисок врз владите да ја ограничат трговијата со Кина во замена за изземање од американските царини. Администрацијата на Трамп веќе започна разговори со трговските партнери околу царините, при што јапонска делегација минатата недела го посети Вашингтон, а Јужна Кореја треба да ги започне преговорите оваа недела.
Од почетокот на мандатот, Трамп воведе високи давачки за увоз на кинески производи, но и други земји беа погодени со царини на нивната стока.
„Попуштањето не може да донесе мир, а компромисот не може да донесе почит“, изјави портпарол на кинеското Министерство за трговија.
„Кина цврсто се спротивставува на тоа која било страна да постигне договор на штета на интересите на Кина. Ако тоа се случи, Кина никогаш нема да го прифати и решително ќе преземе контрамерки“, додаде тој.
Овие изјави се надоврзуваат на уреднички текст објавен минатата недела во државниот весник „Чајна Дејли“, кој ја предупреди Европската Унија да не се обидува да ги „смирува“ САД.
Според извештаите, САД планираат да ги искористат преговорите за царините за да извршат притисок врз десетици земји да воведат нови бариери за трговија со Кина.
Трамп изјави дека повеќе од 70 земји контактирале за да започнат преговори откако беа објавени царините.