ПАПАТА ФРАЊО ИЗРАЗИЛ ЖЕЛБА ДА БИДЕ ПОГРЕБАН НАДВОР ОД ВАТИКАН, НЕГОВИОТ НАСЛЕДНИК ЌЕ СЕ ИЗБИРА СЛЕДНИОТ МЕСЕЦ

    ПАПАТА ФРАЊО ИЗРАЗИЛ ЖЕЛБА ДА БИДЕ ПОГРЕБАН НАДВОР ОД ВАТИКАН, НЕГОВИОТ НАСЛЕДНИК ЌЕ СЕ ИЗБИРА СЛЕДНИОТ МЕСЕЦПапата починал ненадејно, иако претходно пет недели помина во болница поради двојна пневмонија (Фото: АП)

    Кардиналите ќе се сретнат денеска за да го планираат погребот на папата Фрањо, на кој се очекува да присуствуваат лидери од целиот свет. Доналд Трамп веќе потврди дека ќе дојде на погребот заедно со сопругата Меланија. Конклавата за избор на новиот папа ќе се одржи следниот месец.

    Ватикан синоќа објави дека папата Фрањо (88) починал од мозочен удар и срцева слабост. Во својот последен тестамент, Фрањо изразил желба да биде погребан надвор од Ватикан, во базиликата „Голема Богородица“ во Рим и тоа без особени декорации. Повеќето од претходните папи почиваат во базиликата „Свети Петар“ во Ватикан.

    На денешниот состанок кардиналите треба да решат кога телото на папата ќе биде пренесено во базиликата „Свети Петар“, за да може јавноста да му оддаде почит пред погребот. Ватикан претходно соопшти дека тоа би можело да се случи најрано в среда наутро. Предвидени се девет дена жалост, а погребот вообичаено се одржува меѓу четвртиот и шестиот ден по смртта.

    Папата починал ненадејно, иако претходно пет недели помина во болница поради двојна пневмонија. Тој се врати во Ватикан пред речиси еден месец и се чинеше дека заздравил. Неговата смрт активираше древни ритуали, како што Католичката црква почна транзиција од еден кон друг папа.

    Конклавата за избор на новиот папа вообичаено се одржува 15 до 20 дена по смртта на претходникот, што значи дека не би требала да почне пред 6 мај. 135 кардинали од целиот свет имаат право да учествуваат во тајното гласање, кое знае да трае со денови.

    Папата Фрањо ја наследи црквата во неред и работеше напорно за да ја промени централната администрација на Ватикан и да ја искорени корупцијата и потоа се соочи со злото на злоставување деца во редовите на свештенството. Често се судираше со конзервативците, кои го сметаа за премногу либерален и отворен кон малцинските групи, како што е ЛГБТ заедницата.

    Фрањо назначи речиси 80% од кардиналите кои ќе го изберат следниот папа, зголемувајќи ја можноста дека неговиот наследник ќе ја продолжи неговата прогресивна политика.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира