Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денеска ги намали своите предвидувања за економски раст на САД, Кина и бројни други држави поради новите американски царини, кои се најголеми во последните 100 години и предупреди на зголемени трговски тензии.
ММФ ги измени своите економски предвидувања само десет дена откако Доналд Трамп воведе универзални царини од 10% за речиси сите трговски партнери на САД и уште поголеми за Кина. Притоа ја намали својата прогноза за глобален раст за 0,5% на 2,8% за 2025 година.
Според ММФ, новите царини оваа година најмногу ќе го погодат економскиот раст на САД, чија прогноза е намалена од 2,7% на 1,8%, додека кај Канада, Јапонија, Велика Британија и Германија тоа е помалку изразено. ММФ исто така смета дека има 40% шанси за рецесија во САД среде трговската војна.
„Влегуваме во нова ера бидејќи се ресетира глобалниот економски систем што функционираше во изминатите 80 години. Брзата ескалација на трговските тензии и исклучително високите нивоа на неизвесност околу идните политики би имале значително влијание врз глобалната економска активност. Тоа е доста значајно и ги погодува сите региони во светот. Гледаме помал раст во САД, помал раст во еврозоната, Кина и во другите делови на светот“, кажа главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуриншаз.
Тој додава дека трговијата ќе продолжи, но ќе биде поскапа и помалку ефикасна и ќе постојат конфузија и неизвесност околу тоа каде да се инвестира и каде да се набават производи и компоненти.