Володимир Зеленски го отфрли признавањето на окупираниот Крим како руска територија по извештаите дека за ова би можело да се разговара на денешната средба во Лондон. Разговорите ќе имаат помала тежина откако доаѓањето го откажаа американскиот државен секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф, па место нив, САД ќе ги претставуваат специјалниот пратеник за Украина, Кит Келог.
Средбата се одржува среде шпекулациите дека Русија е спремна да ја прекине инвазијата на сегашните линии на фронтот во замена за значајни отстапки. „Фајненшл тајмс“ објави дека Русија би можела да се откаже од некои свои територијални амбиции во Украина ако САД го признаат рускиот суверенитет врз Крим.
Зеленски кажа дека таков предлог не бил споделен со него и ја отфрли можноста за признавање на Крим како руска територија.
„Украина законски не ја признава окупацијата на Крим. Нема што да се разговара за тоа“, рече Зеленски.
Откако Рубио го откажа доаѓањето во Лондон, откажан е и состанокот на кој требаше да се сретнат министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција, Германија и Украина. Еден европски функционер изјави дека Рубио изразил загриженост дека Украина би можела да се врати на своите цврсти позиции, поради што би било невозможно да се постигне напредок во разговорите.
Место Лондон, Белата куќа кажа дека Виткоф оваа недела ќе патува за Русија на средба со Владимир Путин.
Состанокот во Лондон е продолжение на сличната средба во Париз минатата недела, каде што американски, украински и европски претставници разговараа за начините за постигнување мир. Целта беше тие да формулираат заеднички став за да се приближи Вашингтон до европската и украинската позиција, велат европските дипломати, но некои предлози на Вашингтон беа неприфатливи за европските земји и Киев.