Македонското научно друштво (МНД) од Битола, кое е центар на интелектуалниот капацитет на градот и ги вмрежува поединците и институциите кои работат за афирмација на културните вредности во земјава и од странство, прославува 65 години постоење. Основано е на 25 април 1960, во просториите на Државниот архив во Битола, по иницијатива на група битолски интелектуалци.
Првиот претседател бил професорот по македонски јазик Живко Василевски, а секретар Душан Константинов. Низ него минале над 400 истакнати научни и културни работници, а денес брои над 300 членови.
„Ова година славиме 65 години од основањето и во таа чест ќе бидат организирани 65 настани во текот на годината. Роденденот го одбележуваме со ликовна изложба, историски час и свечена академија. На 23 април од 19 часот, во Музејот и галерија „Ранко Струмениковски“ ќе има изложба на ликовни дела од членови на МНД, на 24 април, во просториите на Ректоратот ќе биде одржан историски час за настанувањето на Друштвото и неговиот развој низ годините. Вчерта во 19 часот во Народен театар Битола ќе се одржи свечена академија на која ќе има промоција на документарниот филм ‘МНД -65 години наука, уметност и култура’, кој ја раскажува историјата на Друштвото преку лични искуства на дел од членовите“, рече актуелната претседателка проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.
Друштвото брои осум одделенија, организира бројни научни и културни настани, а објавува и две списанија „Прилози“ и „Современи дијалози“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА