Едно лице е потешко повредено при вооружена престрелка меѓу две групи на Бит Пазар во Скопје, соопшти МВР. Престрелката се случила во 14 часот на улицата Војдан Чернодрински.
„Полициски службеници од Полициската станица Бит Пазар излегле на местото и било констатирано дека се работи за престрелка помеѓу две групи од по пет до шест лица, при што едно лице е повредено и е пренесено во Ургентен центар при Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’. На местото на настанот најдени се повеќе чаури, а оштетени се неколку изложни стакла од продажни објект и околните продавници и неколку паркирани возила“, велат од МВР, каде се работи на расчистување на случајот.
Во близина на местото е основното училиште „Јашар Беј Шкупи“ каде во моментот на престрелката се одвивала настава, а во блиската џамија се одржувала петочна молитва. Учениците биле веднаш евакуирани, а родителите повикани да ги земат од школо.