СÈ ПОВЕЌЕ ДЕВОЈКИ СТУДИРААТ НА ТЕХНИЧКИТЕ ФАКУЛТЕТИ НАСПРОТИ СТЕРЕОТИПОТ ДЕКА ИНЖЕНЕРСТВОТО Е МАШКА РАБОТА, РЕКОА НА ДЕБАТА ВО БИТОЛА

    СÈ ПОВЕЌЕ ДЕВОЈКИ СТУДИРААТ НА ТЕХНИЧКИТЕ ФАКУЛТЕТИ НАСПРОТИ СТЕРЕОТИПОТ ДЕКА ИНЖЕНЕРСТВОТО Е МАШКА РАБОТА, РЕКОА НА ДЕБАТА ВО БИТОЛАИнженерките беа учеснички на панел дискусијата „Жените во енергетиката: од визија до акција“ во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Машинската инженерка Весна Неделковска проектирала климатизациски системи за операциони сали, соби за интензивна нега, болници, училишта, градинки и голем број други објекти.  Неделковска, која е магистер на технички науки и претседателка на Здружението на лиценцирани енергетски контролори на Македонија (ЗЛЕК), беше дел од инженерките учеснички на панел дискусијата „Жените во енергетиката: од визија до акција“ одржана во Битола.

    Целта беше преку успешни примери на жени кои го менуваат лицето на енергетскиот сектор во Македонија, да се надминат стереотипите дека техничките професии се машки и да се поттикнат што повеќе девојки да студираат на техничките факултети.

    „Со нашата работа докажуваме дека и тоа како можеме да бидеме рамниоправни со својата стручност, знаење, професионализам и навременост, тие се важни показатели во една работа, а не родовата застапеност. Ако некое девојче се пронајде во техничките науки треба да се поддржи од семејството, образованието, а индустријата при вработувањето да ги прифаќа таквите кадри“, рече Неделковска.

    Дискусијата беше во рамки на Отворениот ден на Универзитет „Св. Климент Охридски“ од Битола како дел од активностите во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС. (Фото: СДК.МК)

    Николина Шутиноска-Никодиновска, магистер по електротехника и информациски технологии и во моментов специјалистка за соларни системи, била дел од проектите тимови кои ги изградиле најголемите соларни централи во Македонија. Таа вели дека во државата можеби има повеќе мажи кои студираат на техничките факултети, но процентуално има повеќе студентки добитнички на престижното признание Инженерски прстен.

    „На едно од интервјуата за работа растурив со знаење. Ми рекоа: ‘Воодушевени сме, одма би ти ја дале позицијата, но ти си женско, а работава не познава работно време, утре ќе имаш семејство, деца’. За ова разговарав со менторката на магистерски студии која ми рече ‘Па, таа работа не е и за машко, кој сака да работи навечер во кое било време’. Значи има добри и лоши работи, а не машки и женски“, рече Шутиноска-Никодиновска.

    Жанета Сервини, доктор по технички науки и директорка на Средното техничко училиште во Битола, вели дека се бележи зголемен интерес за упис на девојчиња.

    „Техничките науки имаат потреба од креативност, инспирација, организација, а тоа жените и тоа како знаат да го направат. Имаме над 700 ученици од кои околу 100 се девојчиња. Тоа е голем успех, расте бројот на девојчиња кои сакаат да изучуваат компјутерска техника и автоматика, односно науки за програмирање“, рече Сервини.

    Во индустрискиот сектор во класичната енргетика застапеноста на жените денес е 25 отсто и сѐ уште доминираат мажите. Во новите области како енергетска ефикасност, обновливи извори и друго, забележано е зголемување на жените на 32 проценти на глобално ниво.

    „Никогаш не сум се чувствувала дискриминирано ни на родова, ни на етничка основа, ни на факултет, ни на работа. И сега во фирмата гледам дека има доста жени на раководни позиции“, рече Мелиса Конџели, електроинженерка во МЕПСО.

    Дискусијата беше во рамки на Отворениот ден на Универзитет „Св. Климент Охридски“ од Битола како дел од активностите во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС. Настанот организиран од ПРЕДА Плус, со поддршка на Европската банка за обнова и развој (EBDR) и Фондот за климатски инвестиции (CIF) во рамки на проектот „Stakeholder Review on Gender for the ACT Investment Plan“ ( Преглед од засегнатите страни за родовата еднаквост за АКТ инвестицискиот план), дел од програмата WOLCOT.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира