„Епл“ објави дека веќе нема во Кина да произведува најголем број „ајфони“ и други уреди кои се наменети за американскиот пазар, со цел да ги избегне новите царини на Доналд Трамп. Место Кина, „ајфони“ ќе се произведуваат во Индија, а останатите електронски уреди во Виетнам, кажа извршниот шеф на „Епл“, Тим Кук.
Ова доаѓа откако технолошкиот гигант проценил дека американските увозни давачки би можеле да му ги зголемат трошоците во сегашниот квартал за 900 милиони долари, и покрај одлуката на Трамп да ги изземе клучните електронски уреди од новите царини.
„Очекуваме најголемиот број ‘ајфони‘ продадени во САД да потекнуваат од Индија. Во исто време, Виетнам ќе биде главниот центар за производство на брендовите ‘ајпад‘, ‘мек‘, ‘епл воч‘ и ‘ерподс‘. Во Кина ќе продолжи да се произведува мнозинството наши производи наменети за пазарите надвор од САД“, изјави Кук.
Владата на Трамп постојано бара од „Епл“ да го пресели своето производство во САД. Кук кажа дека „Епл“ планира да вложи 500 милијарди долари во неколку американски сојузни држави во следните четири години.