Римокатоличките кардинали денеска попладне ќе ја започнат мисијата за избор на новиот папа, изолирајќи се од светот додека не го изберат човекот за кој се надеваат дека може да ја обедини разновидната, но поделена црква. Во процес кој датира од средновековно време, кардиналите ќе се пријават во Систинската капела во Ватикан по јавната миса во базиликата „Свети Петар“ и ќе ја започнат тајната конклава за избор на наследникот на папата Фрањо, кој почина минатиот месец.
Во конкуренција за нов папа се 135 кардинали на возраст до 80 години, кои доаѓаат од 71 држава од целиот свет, со што ова ќе биде географски најразновидната конклава во историјата. Денеска ќе има едно гласање, а најмногу може да се гласа четирипати во еден ден. За да се избере новиот папа, потребно е двотретинско мнозинство.
Во изминатите неколку века не се случило папа да биде избран на првиот ден од конклавата, со што гласањето може да трае со денови. Дали кардиналите избрале нов папа или не, светот ќе дознава преку специјално поставениот оџак на покривот на капелата. Црн чад значи дека гласањето било неодлучено, а бел чад дека Ватикан има нов поглавар. Конклавата која доведе до изборот на папата Фрањо во 2013 траеше два дена.
Досега не се издвоил јасен фаворит за нов папа, но најголеми шанси им се даваат на италијанскиот кардинал Пјетро Паролин и на Филипинецот Луис Антонио Тагле. Најмногу електори има Италија – 17, па следуваат САД со 10, Бразил со седум и Франција и Шпанија со по пет.
Ватиканските техничари во изминатите денови се погрижија конклавата да се претвори во бункер, па она што се случува во Систинската капела да остане таму. Кардиналите ќе престојуваат во резиденцијата „Санта Марија“ со 130 соби и во нејзините придружни простории, а мобилните телефони се забранети.