Тридневното примирје во Украина што еднострано го прогласи Владимир Путин стапи во сила утрово и небото над големите украински градови е мирно, наспроти редовните воздушни напади во изминатите неколку ноќи. Сепак, портпаролот на украинската војска кажа дека руските трупи продолжиле да напаѓаат во неколку области на источниот фронт, а руски авиони трипати го бомбардирале северниот регион Суми.
Во исто време, украинските воздушни сили соопштија дека не се забележани руски проектили и дронови во украинскиот воздушен простор откако почна примирјето прогласено од Путин.
Примирјето се совпаѓа со 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна, што во Русија утре традиционално ќе се одбележи со воени паради. На главниот настан на Црвениот плоштад во Москва ќе присуствуваат 29 лидери на држави, вклучувајќи ги претседателите на Кина, Бразил, Куба, Венецуела и Србија, а од Европската Унија доаѓа само словачкиот премиер Роберт Фицо.
Украина досега не потврди дека ќе го почитува примирјето, барајќи од Путин 30-дневен прекин на огнот. Оваа недела, Москва два дена по ред беше мета на украински напади со дронови, а Володимир Зеленски го опиша привременото примирје како манипулација и театар. Тој дури кажа дека Украина не може да ја гарантира безбедноста на странските делегации кои ќе присуствуваат на парадата.
„Специјалните служби и нашата војска ги преземаат сите неопходни мерки за прославата на Големата победа да се одвива во мирна, стабилна и мирна атмосфера“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.