Зголемување на свесноста за различностите, нивно прифаќање, почитување и инклузија во општеството е целта на иклузивниот настан „Гуш и бац е љубов“ кој го организира здружението „Аутизам ААМК“. Настанот по шести пат ќе се одржи утре (11 мај) во скопскиот Градски парк на местото „Школка“ од 11 до 14.30 часот.
Претседател на здружението е активистот Денис Јанкуловски, медицинар од Центарот за јавно здравје, кој за време на пандемијата стана популарен на социјалните мрежи и во јавноста како Денис Космонаутко.
„Оваа година, тоа што е шести настан по ред во организација на ‘Аутизам ААМК’, заедно со сѐ поголемата посетеност, ни покажува дека сме на вистинската патека за која и всушност го организираме овој настан. Концептот е сличен како и минатата година. Ќе има многу разновидни игри како ракомет, ‘Не лути се човече’, плочка и други, едкукативни катчиња каде ќе дознаваме, учиме и повториме, на пример, за хигиената на забите или што треба за да некој биде пантомимичар, како и ликовно катче, креативни работилници. Сите овие активности се инклузивни, што значи дека секое дете е добредојдено да учествува заедно со другите деца. Исто така и сцената секако е инклузивна, ќе има настапи на неколку училишта, хорови како детски така и женски хор и уште многу, многу други“, ни рече Јанкуловски.
Тој рече дека различно во однос на претходните години е зголемениот број на учесници што многу ги радува, оти секоја година имаат огромен број заинтересирани кои сакаат да бидат дел од „Гуш и бац е љубов“.
„За жал, заради временското ограничување не можеме сите да ги вклучиме, но можеби еден ден ќе направиме целодневна дружба и тогаш ќе биде полесно. Но, важното е дека има интерес како од учесници така и од компании кои даваат своја огромна поддршка на настанот и со тоа сите ја покажуваат својата општествена одговорност и желбата за заедно како едно“, кажа Јанкуловски.
- НЕ СПИЈАМ ПРЕД ИНКЛУЗИВНИОТ НАСТАН „ГУШ И БАЦ Е ЉУБОВ“ НА „ШКОЛКА“ НА 11 МАЈ, ВЕЛИ ДЕНИС КОСМОНАУТКО
М. ЏАРОВСКА