ЌЕ СЕ ОТВОРА НОВ ПОВРШИНСКИ КОП ЗА РУДА ВО ПЕЛАГОНИЈА, ЕКСПЕРТИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА СЕ ОЧЕКУВААТ ПРЕТЕЖНО МАЛИ ИЛИ СРЕДНИ НЕГАТИВНИ ВЛИЈАНИЈА ВРЗ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

    ЌЕ СЕ ОТВОРА НОВ ПОВРШИНСКИ КОП ЗА РУДА ВО ПЕЛАГОНИЈА, ЕКСПЕРТИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА СЕ ОЧЕКУВААТ ПРЕТЕЖНО МАЛИ ИЛИ СРЕДНИ НЕГАТИВНИ ВЛИЈАНИЈА ВРЗ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА„Рудникот ќе предизвика прекин на циклусот на гнездење и намалување на размножувањето на птиците во опфатот на рудникот, вознемирување и уништување на живеалиштата на популацијата на влекачи и водоземци“, рече Магдалена Трајковска-Трпевска. (Фото: СДК.МК)

    Со отворањето на новиот рудник со површински коп за јаглен во Живојно, Пелагонија, се очекуваат негативни влијанија врз кавлитетот на воздухот, но нивната значајност би била средна, рекоа денес експертите во Новаци на јавната расправа за Студијата за оцена на влијанието врз животната средина. Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) сметаат дека новиот рудник, ќе ја спаси Македонија од увоз на јаглен и ќе обезбеди руда за Рударско-енергетскиот комбинат (РЕК) „Битола“ до трансформацијата на Комбинатот за производство на струја од еколошки извори.

    Експертите посочија дека по здравјето на локалното население на средно ниво се проценува влијанието на емисијата од прашина, бучава, одредени испарувања од отворањето и работата на рудникот. Тој ќе зафаќа површина од 7 квадратни километри, меѓу селата Живојно, Бач и Гермијан. Експлоатационите резерви се пресметани на 23,6 милиони тони руда која ќе се транспортира за РЕК „Битола“.

    „Влијанијата врз воздухот, се очекуваат да бидат негативни како резултат на емисијата на прашина предизвикана од активностите на копање, транспортирање и одлагање на јаловината и јагленот. Тука е и фугитивната емисија при дување ветер и различни непогоди. Овие влијанија ќе бидат во рамките на копот, а се очекува и емисија на штетни гасови како јаглероден моноксид и диоксид, сулфурни оксиди, азотни оксиди, и НМВОЦ (неметански испарливи органски соединенија) и ТСП или вкупно суспендирани честички како резултат на работењето на градежната механизација. Овие влијанија се оценува дека се со средна магнитуда и со мала до средна значајност“, рече Магдалена Трајковска-Трпевска, одговорен експерт, која ја презентираше Струдијата изработена од „Технолаб“.

    Анализата покажа дека со новиот површински коп ќе настане и губењето на дел од почвата и измена на природниот релјеф. Тој ќе има многу мала негативност врз загадување на водите, зашто тие прочистени ќе треба да се пуштаат во Црна Река. Но, дефинитивно ќе им го промени животот на птиците и другите животни.

    „Голема или многу голема значајност има за биодиверзитетот на целото подрачје на рудникот зашто Пелагонија е прогласена како значајно подрачје на птици. Рудникот ќе предизвика прекин на циклусот на гнездење и намалување на размножувањето на птиците во опфатот на рудникот, вознемирување и уништување на живеалиштата на популацијата на влекачи и водоземци“, додаде Трајковска-Трпевска.

    Најоптимистичките сценарија се дека рудникот би се отворил кон почетокот на идната година. Три години би течеле подготвителните активности до целосна експлоатација на јаглен која би траела уште 4 години.

    „Квалитетот на јагленот е многу добар имајќи го во предвид увезниот и оној од нашите наоѓалишта кој е со послаб квалитет. По третата година ќе почнат да пристигнуваат првите количини јаглен, а потоа уште 4 години за максимална експлоатација, односно со седмата година целосно ќе се исцрпи наоѓалиштето“, рече Тони Ангелевски, помошник директор на Секторот за равој и инвестиции и проектирање во РЕК „Битола“.

    Од Електрани на Северна Македонија истакуваат дека е изработена обемна рударско-техничка документација која ја потврдува техничката изводливост и економската оправданост за отворање на новиот рудник. Со рудникот ќе се елиминира увозот на јаглен, а ќе се добие стабилно стабилно и економски исплатливо домашно производство.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира