ЌЕ ФИНАНСИРАМ ИСТРАЖУВАЊА ВО АРХЕОЛОГИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА ЗА ДА ГО НАЈДЕМЕ ГРОБОТ НА АЛЕКСАНДАР, ВЕЛИ КРИС ПАВЛОВСКИ

    ЌЕ ФИНАНСИРАМ ИСТРАЖУВАЊА ВО АРХЕОЛОГИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА ЗА ДА ГО НАЈДЕМЕ ГРОБОТ НА АЛЕКСАНДАР, ВЕЛИ КРИС ПАВЛОВСКИПавловски вели дека како Македонец, тој слушнал многу приказни од своите баби, дедовци, родители и други роднини, и смета дека е време тие да се поврзат со материјални докази. (Фото: Влада)

    Канадскиот бизнисмен со македонско потекло, Крис Павловски, најави дека ќе финансира истражувања во археологијата со цел да се пронајде гробот на Александар Македонски.

    Во гостување во „Тема на денот“ на Сител ТВ, на прашање во врска со неговата објава на социјалната мрежа Икс дека слетал во „земјата на Александар Велики“ и дека ќе го најде неговиот гроб, Павловски изјави дека со неколку пријатели ќе вложат ресурси во оваа потрага. Тој се претстави како голем почитувач на историјата, со посебен интерес кон археологијата и античката македонска историја.

    „Имам неколку пријатели со кои ќе вложиме ресурси за да го побараме… Јас сум голем обожавател на историјата. Ја сакам археологија, ја сакам античката македонска историја… Јас сум многу сериозен за финансирање на истражувања во однос на археологијата во Македонија. Многу сум сериозен и тоа многу сакам да го направам. Мислам дека немало големи вложувања во македонската археологија. Тоа е нешто што недостасува. Јас знам многу Македонци и луѓе кои не се од Македонија кои сакаат да помогнат за тоа. Очекувам заедно да вложиме пари и да почнеме да копаме за да видиме што има овде под земјата. Мислам дека тоа е важно“, кажа Павловски.

    Според него, ова е важно за културата, а како Македонец, тој слушнал многу приказни од своите баби, дедовци, родители и други роднини, и смета дека е време тие да се поврзат со материјални докази. Тој спомена и неодамнешно откритие на локалитет близу Битола, кој се поврзува со бабата на Александар Македонски.

    Павловски деновиве престојува во Скопје по повод конференцијата „Македонија 2025“.

    Премиерот Христијан Мицкоски вчера ги прими Крис Павловски и Џанкарло Девасини, сопственик на криптовалутата Тетер (USDT). (Фото: Влада)

    Во февруари, неговата компанија „Рамбл Клауд“ отвори претставништво во Македонија. Станува збор за компанија која има своја видео платформа со истото име и хостира други платформи, меѓу кои и социјалната мрежа на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, „Трут Соушл“. Платформата „Рамбл“, која претставува алтернатива на „Јутјуб“, е популарна во САД меѓу конзервативците и десничарите.

    Претставништвото во Македонија е регистрирано на адреса во центарот на Скопје, а управители се Павловски и финансискиот директор на „Рамбл“, Брендон Александроф.

    Павловски е близок со неколку истакнати личности од администрацијата на Трамп, како Девин Нунез и Хауард Лaтник. Тројцата неодамна беа во Скопје на средба со премиерот Христијан Мицкоски. По средбата, министерот за информатичко општество и дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека разговарале за партнерство со „Рамбл“ во врска со изградба на современи национални центри за податоци. Мицкоски исто така се сретна со Павловски во Вашингтон пред инаугурацијата на Трамп во јануари.

    Павловски е присутен во македонскиот бизнис и преку друга своја фирма, „Космик Девелопмент“, ИТ компанија која започна да работи во 2013 година во Битола, а сега има канцеларии и во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира