ВО 22 ОД 34 ОПШТИНИ НЕМА МИНИМУМ ЗЕЛЕНИЛО СПОРЕД СТАНДАРДИТЕ ЗА ХУМАНО ЖИВЕЕЊЕ, ВЕЛИ РЕВИЗОРСКИ ИЗВЕШТАЈ

    ВО 22 ОД 34 ОПШТИНИ НЕМА МИНИМУМ ЗЕЛЕНИЛО СПОРЕД СТАНДАРДИТЕ ЗА ХУМАНО ЖИВЕЕЊЕ, ВЕЛИ РЕВИЗОРСКИ ИЗВЕШТАЈРевизорскиот извештај покажува дека Генералните урбанистички планови на 22 Општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 метри по глава на жител. (Фото: СДК.МК)

    Од 34 Општини дури 22 Општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за зеленило од 25 метри квадратни по глава на жител. Ова го покажува ревизија на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на тема „Урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите“. Оваа ревизија е направена за да се даде одговор на прашањето дали мерките и политиките на централната и локалната власт обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите?

    Извештајот покажува дека Генералните урбанистички планови (ГУП) на 22 Општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 метри по глава на жител, а зелените површини кои се одржуваат и новоподигнатите зелени површини во корелација со бројот на жители согласно пописот од 2021 година укажуваат дека ниту една Општина не го исполнува стандардот утврден во одредбите на член 19 од Законот за урбано зеленило.

    Снимките од извршеното снимање со дрон на повеќе локации и во повеќе градови покажуваат дека централните градски подрачја на градовите не содржат доволно јавни зелени површини кои треба да придонесат за намалување на загадувањето и чиста животна средина. Општина Чаир и Кисела Вода учествуваат само со 3% од урбаното зеленило на Град Скопје. Во Општина Штип иако во Генералниот урбанистички план се предвидени 16,9% зелени површини со намена Д, преку ЈКП „Исар“ од Штип се одржуваат 8,97 хектари што претставува само 0,39% од површината на ГУП од 2.292 хектари. Актуелниот ГУП на Тетово е со плански период од 2003-2013 година и предвидува 12,4% зелени површини. Карактеристично за Тетово е што нема градски парк.

    „Поделбата на дејноста просторно и урбанистичко планирање и некоординираноста на надлежните институциите, резултира со недостаток на правна рамка што ќе го уреди просторното планирање и зелената инфраструктура, а со законските решенија за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти се нарушува системот на урбанистичко планирање. Во услови кога донесувањето на нов Просторен план како највисок стратешки документ на државата доцни повеќе од четири години, имајќи ги во предвид настанатите суштински промени во општествениот, економскиот, демографскиот и просторниот развој, постојниот Просторен план не претставува добра основа за дефинирање на стратешките и планските документи во државата од пониско ниво, кои во периодот од 2021 до 2024 година се донесуваат врз основа на не ажурирани податоци и информации и не соодветствуваат на состојбите во државата“, се вели во извештајот на ревизорите.

    Од 34 Општини со седиште во град само две Општини, Град Скопје и Општина Охрид, имаат донесено стратегии за развој на зеленилото. Зелен катастар во форма на ГИС портал имаат три Општини и тоа Град Скопје, Кавадарци и Охрид, а 18 Општини не ја испочитувале обврската за донесување на годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, што укажува на немање долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво.

    Од вкупно 34 Општини со седиште во град, 8 Општини (23%) имаат важечки ГУП, 24 Општини (71%) имаат ГУП со изминат плански период, а две Општини (6%) воопшто немаат донесено Генерален урбанистички план. Генералните урбанистички планови на 14 Општини се донесени по изминување на 3 до 5 години од планскиот период за кој се однесуваат, со што градовите не се во можност да ги разработат со детални планови за времетраење на периодот.

    Во периодот од 2020-2024 година, 77% од постапките за донесување на ДУП во системот е-урбанизам не се завршени, поради непочитување на законски утврдениот рок за траење на постапката до 18 месеци која за одредени Општини трае и до 4 години.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира