Нивото на водата во акумулациите Турија и Водоча е зголемено во однос на февруари, но далеку е од количините што овие две акумулации ги имаа во мај лани, соопшти „Струмичко Поле“, подружница на АД Водостопанство, од каде се надеваат на поволни хидролошки услови за да има и да се пушти вода за наводнување до обработливите површини во Струмичкиот Регион.
Во акумулацијата Турија, од каде со вода за пиење се снабдуваат општините Струмица и Василево, има околу 20 милиони метри кубни вода, што е за 11 милиони помалку од мај лани, додека во акумулацијата Водоча има околу 9 милиони кубици, што е за 20 отсто помалку од лани.
„Со оглед на моментално акумулираните количини на вода, подружница ‘Струмичко Поле’ не може да гарантира дека ќе ги задоволи потребите за вода за наводнување на сите корисници, а не можеме да тврдиме дека вода сигурно ќе нема и да не ги посеете вашите површини. За да имаме успешна сезона за наводнување, во акумулација Турија е потребно да се акумулираат барем уште 5-6.000.000 метри кубни вода, а во акумулација Водоча уште 2.000.000 метри кубни. Доколку ни се повтори минатогодишното лето, очигледно е дека моменталната акумулирана количина на вода и во двете акумулации не ни гарантира дека ќе имаме успешна сезона за наводнување“, им соопштија од „Струмичко Поле“ на земјоделците.
Деновиве во Струмичко постојано има краткотрајни врнежи од дожд, но се смета дека тие се минимални количини за да се подобри ситуацијата во двете најголеми акумулации во овој регион. Турија и Водоча, кои имаат и свои хидромелиоративни системи, се проектирани да наводнуваат околу 13 илјади хектари обработливо земјиште во Струмичко.
Лани од Водоча вода за наводнување се пушташе еднаш неделно, додека од Турија за време на работните денови.Полни се помалите акумулации Новоселка, Иловчанка, Маркова Река и Чаушица.
В. ТРАЈКОВ