ГЕРМАНСКИ БИОЛОЗИ ИСТРАЖУВААТ ЛИЛЈАЦИ НА ПЕЛИСТЕР, ОД 44 ВИДОВИ ВО ЕВРОПА НАД 30 СЕ ВО МАКЕДОНИЈА КАДЕ ИМА САМО ДВАЈЦА ИСТРАЖУВАЧИ

    ГЕРМАНСКИ БИОЛОЗИ ИСТРАЖУВААТ ЛИЛЈАЦИ НА ПЕЛИСТЕР, ОД 44 ВИДОВИ ВО ЕВРОПА НАД 30 СЕ ВО МАКЕДОНИЈА КАДЕ ИМА САМО ДВАЈЦА ИСТРАЖУВАЧИЗа десет дена во Македонија евидентираа 16 различни видови, а на Пелистер чест е шарениот лилјак. (Фото: СДК.МК)

    Бент Олендоф, биолог од Германија, има 70 години, а 53 години ги истражува лилјците низ светот. Тој е дел од тимот германски експерти кои деновиве ја истражуваат популацијата на овие цицачи во Националниот парк „Пелистер“. Од 44 видови во Европа, над 30 се среќаваат и во Македонија, а од нив 29 во поширокиот регион на Преспа, Галичица и Пелистер. Лилјаците во Македонија се заштитени со закон.

    „Лилјаците ги истражуваме со мрежарење, односно се поставува мрежа во која се заловуваат, се утврдува нивниот вид, им се става прстен како индентификациона картичка и се ослободуваат. Користиме детектор кој успева да ги фати брановите што ги испуштаат, а не се во рамките на брановата должина која ја слушаме ние“, рече Олендоф.

    За десет дена во Македонија евидентираа 16 различни видови, а на Пелистер чест е шарениот лилјак.

    „Денес сѐ почесто поставувано е прашањето како се чува природата, а одговорот е токму преку јакнење на свеста за заштитата и еколошки едукаци уште од најмала возраст, затоа вклучивме и ученици да присуствуваат на активностите“, рече Иванчо Тошевски, директор на Национлниот парк „Пелистер“.

    Во Македонија има само двајца истражувачи на лилјаци, меѓу нив е и Дејан Димиџиевски, соработник за животински видови во Одделението за заштита на природата во национален парк „Галичица“. Тој вели дека тие се значаен биоиндикатор дали има згадување во животната средина. Во такви услови им се намалува репродукцијата и бројот. Но, тие се и најефикасниот инсектицид, без нив земјоделството не би било исто.

    „Значајни се зашто се хранат со инсекти. Еден лилјак во една ноќ може да јаде од 1.000 до 3.000 инсекти. Една колонија од лилјаци која може да брои и 10.000, а имаме такви во некои пештери, годишно јадат до 5 тони, а голем дел од тие инскети се штетници за земјоделските култури. Може да замислиме што би било со комарците ако нема голем број лилјаци да изедат голем дел од нив. Ако сега во земјиделието се прска 3 до 10 пати, без лилјаци би се прскало по 30 пати“, вели Димиџиевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира