НА СВЕТСКО НИВО РАСТЕ И ЌЕ РАСТЕ БРОЈОТ НА БОЛНИ И ПОЧИНАТИ ОД РАК НА КОЖА, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    НА СВЕТСКО НИВО РАСТЕ И ЌЕ РАСТЕ БРОЈОТ НА БОЛНИ И ПОЧИНАТИ ОД РАК НА КОЖА, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕМеланомот може да се појави на сите делови на телото, како на деловите кои се константно изложени на сонце, така и на деловите кои се заштитени со облека. (Фото: К. Попов)

    Меланомот на кожата е 17. најчест карцином кај населението во светот, 14. најчест карцином кај мажите и 14.најчест карцином кај жените, вели Институтот за јавно здравје, во чест на мај, месец на борба против рак на кожата. Од 5 случаи на сите видови на рак на кожа, 1 случај е меланом. Вкупно 331.722 нови случаи на меланом на глобално ниво (179.953 мажи, 151.769 жени) и 58.667 смртни случаи на меланом (33.160 мажи, 25.507 жени) имало во 2022 година.

    Според извештајот, во Македонија во 2023 вкупниот бројот на умрени од други малигни неоплазми на кожа е 46 со стапка на морталитет од 2.5/100.000 население, додека бројот на умрени мажи изнесува 33 со стапка на морталитет од 3.6/100 000 мажи, а бројот на умрени жени е 13 и стапка на морталитет 1.4/100 000 жени.

    Од меланом во 2023 година умреле 55 лица со стапка на морталитет од 3.0 на 100 000 жители, од кои 41 се мажи, а 14 се жени. Стапката на умрени мажи изнесува 4.5 на 100.000 мажи, а стапката на умрени жени 1.5 на 100.000 жени.

    Големи географски варијации во инциденцата постојат низ земјите и светските региони, со најголема застапеност меѓу мажите (42 на 100.000 мажи) и жените (31 на 100.000 жени) во Австралија/Нов Зеланд, проследено со Западна Европа (19 на 100.000 и за мажи и за жени), Северна Америка (18 на 100.000 мажи, 14 на 100.000 жени) и Северна Европа (17 на 100.000 мажи, 18 на 100.000 жени). Меланомот продолжува да е редок во повеќето африкански и азиски земји, со стапка на инциденца вообичаено помала од 1 на 100.000 население.

    Експертите велат дека ако продолжи досегашниот тренд на појава на меланомот, се проценува дека бројот на нови случаи од меланом ќе се зголеми на 510.000 и на 96.000 смртни случаи до 2040 година.

    Меланомот е почест кај мажите отколку кај жените во повеќето светски региони, но, оваа состојба се менува кога е во прашање возраста, при што стапките кај жените ги надминуваат оние кај мажите на возраст помала од 50 години. Иако ризикот од меланом генерално се зголемува со возраста и инциденцата е поголема кај постарото население, меланомот е меѓу најчестите видови на рак кај адолесцентите.

    Меланомот може да се појави на сите делови на телото, како на деловите кои се константно изложени на сонце, така и на деловите кои се заштитени со облека. Меланомот може да се појави дури и на очите и внатрешните органи. Кај мажите меланомот се појавува најчесто на трупот, додека кај жените, најчесто се јавува на нозете. Поттипот на малигнитетот  може да влијае на тоа каде туморот ќе се развива: лентиго меланомот е почест на лицето, додека акралниот лентигинозен меланом е почест на дланките, стапалата или на ноктите.

    „Промената на вашата кожа е најчестиот знак за рак на кожата. Разговарајте со вашиот лекар ако забележите промени на вашата кожа, како што е нов израсток, рана што не зараснува, промена на стар израсток или некоја бемка. Ракот на кожата може да се избегне, бидејќи главниот фактор на ризик, изложеноста на УВ зраци, може да се намали со промени на однесувањето и изложувањето на сонце. Носење заштитна облека, избегнување на изложеност на директна сончева светлина во интервал помеѓу 10 и 15 часот во денот, во текот на летото (кога УВ зрачењето го достигнува својот врв), засолнување под сенка и редовно нанесување крем за сончање се главните препорачани мерки за заштита од УВ зраците“, препорачува Институтот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира