АЛБАНИЈА БИ МОЖЕЛА ДА ВЛЕЗЕ ВО ЕУ ПРЕД 2030 ГОДИНА, РЕЧЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЕВРОПСКИОТ СОВЕТ КОШТА ВО ТИРАНА

    АЛБАНИЈА БИ МОЖЕЛА ДА ВЛЕЗЕ ВО ЕУ ПРЕД 2030 ГОДИНА, РЕЧЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЕВРОПСКИОТ СОВЕТ КОШТА ВО ТИРАНАКошта со лидерите на Западен Балкан на неформалната вечера пред денешниот Самит на Европската политичка заедница во Тирана. (Фото: Фејсбук)

    Албанија би можела да стане членка на Европската унија пред крајот на деценијата, изјави вчера во Тирана претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.

    „Ако Албанија продолжи да испорачува со иста стапка, сосема е можно да се приклучи на Европската унија пред 2030 година“, рече Кошта на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама во Тирана. „Но, се зависи дали ќе продолжите или не на истиот пат“.

    Рама, кој владее од 2013, неодамна обезбеди четврти мандат со неговата Социјалистичка партија (ПС) на парламентарните избори. За време на изборната кампања Рама им вети на Албанците пристапување во ЕУ до 2030 година.

    Од 2014, Албанија е официјален кандидат за членство во ЕУ, а преговорите се во тек од 2022. Земјата е членка на НАТО од 2009. Набљудувачите неодамна забележаа одреден напредок во борбата против корупцијата.

    Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта кој беше во посета на Србија, Македонија, Црна Гора, БиХ, Косово и Албанија, доцна синоќа, пред неформалната вечера што ја приреди за учесниците од Западен Балкан на денешниот Самит на Европската политичка заедница во Тирана, на платформата Х објави дека има нов моментум во проширувањето на Европската унија. Вечерата ја приреди со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, а присуствуваа македонскиот премиер Христијан Мицкоски, претседателите на Србија, Црна Гора, Косово и претседавачката со претседателството на БиХ.

    „Понатамошните напори за напредок кон пристапување мора да бидат водени од фундаментални принципи: доследност и доверба. Доследност – од страна на ЕУ во одржувањето на проширувањето на врвот на својата политичка агенда. И доследност од страна на партнерите во усогласувањето со нашите вредности и спроведувањето реформи. Доверба – ова може да се изгради само преку отворен дијалог. Внатрешно, меѓу партнерите во регионот и со институциите на ЕУ и земјите-членки“, напиша Кошта.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира