Премиерот Христијан Мицкоски денеска по средбата со премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер објави на Фејсбук дека е постигната согласност за договор за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Според објавата, станува збор за стратешки договор кој ја позиционира земјата во сферата на интересите и делувањето на Обединетото Кралство, една од највлијателните политички и економски сили во светот.
„Овој договор претставува ново поглавје во односите меѓу двете држави и претставува клучна основа за подоцнежна економска и политичка соработка“, кажа Мицкоски, по средбата на маргините на состанокот на Европската политичка заедница во Тирана.
Договорот е резултат на повеќемесечни преговори меѓу тимови од двете држави и содржи одредби за блиска соработка во повеќе клучни области.
Подетално за договорот, Мицкоски утре ќе зборува на прес-конференција во Владата.