Премиерот Христијан Мицкоски и британскиот амбасадор Метју Лосон денеска на заедничка прес-конференција го најавија постигнувањето согласност за Заеднички договор за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, кој беше усогласен вчера во Тирана. Мицкоски рече дека овој договор претставува „голем, неповратен чекор напред“ и „архитектура за иднината“, потенцирајќи ги заедничките вредности како слобода, демократија и владеење на правото.
Според премиерот, партнерството ќе отвори врата за највисоко ниво на соработка во одбраната, борбата против организираниот криминал и нелегалните финансии, образованието, здравството, културата, младинските политики и економскиот развој.
„Со овој документ, двете влади испраќаат силна порака дека интересите на граѓаните се најважни“, рече Мицкоски.
Тој најави дека договорот ќе биде основа за инвестициски циклус во вкупна рамка од 5 милијарди фунти (6 милијарди евра). Дел од овие средства ќе бидат наменети за инфраструктурни проекти, како изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството, вклучително завршување на клиничката болница во Штип со нов медицински факултет и студентски дом, изградба на болница во Кичево и реконструкција на клиничката болница во Тетово. Договорите за овие инвестиции се очекува да бидат потпишани во наредните денови.
Мицкоски го оцени договорот како втор клучен столб на меѓународната позиционираност на земјата, по стратешкото партнерство со САД, и потврда за стабилноста, безбедноста и европската иднина.
Британскиот амбасадор Лосон, одговарајќи на новинарски прашања во врска со објавите во британски и македонски медиуми дека Македонија ќе треба да прифати мигранти, категорично ги отфрли таквите тврдења.
„Како дел од договорите, земјата се согласи да се приклучи на заедничката мисија во однос на мигрантите. Но, тоа се однесува на соработка на полициските сили, справување со криминални банди и подобро споделување разузнавачки информации, што веќе се прави со неколку други европски земји. Сосема друга приказна е прифаќањето мигранти, не се работи за тоа. Сакам да бидам јасен во тој дел“, изјави Лосон.
Во однос на визната либерализација, амбасадорот Лосон истакна дека визите претставуваат „главоболка“ за британските бизниси и за граѓаните на оваа земја и дека како амбасадор би сакал да се работи на ова прашање во рамките на преговорите.
Прашан за последиците по јавниот долг, Мицкоски одговори:
„Што се однесува до прашањето за јавниот и државниот долг, апсолутно тие два процеса на раст на БДП и позајмувањето на овие средства и вбризгување во реализација на овие проекти ќе бидат еден со друг паралелни процеси. Очекувам БДП побргу да расте од долгот, така што очекувам дека во крајна смисла ефектите ќе бидат во намалување на долгот“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека не станува збор за позајмување пари за тековни трошења или социјални трансфери, туку за капитални инвестиции, посебно во градежништвото, каде, според него, парите најмалку три пати се вртат.
„Првата фактура треба да стигне на почетокот на 2027 година, така што ќе имаме грејс период кога ќе можеме да се развиваме, да го растеме БДП, за да не дојдеме до ситуација да порасне долгот, а да не го следи растот на БДП“, рече Мицкоски.