Голем дел од Македонија рано утрово остана без електрична енергија поради неочекуван прекин во снабдувањето што започна околу 5 часот.
Граѓани од бројни градови и региони, меѓу кои Скопје, Прилеп, Битола, Охрид, Штип, Струмица, Кочани, Крушево, Кичево, Гевгелија и Куманово, пријавија прекин на струјата преку социјалните мрежи.
Дел добија струја околу 6 часот, а други региони околу 7 часот, но на многу места снабдувањето со електрична енергија сѐ уште не е нормализирано.
Граѓани кои утринава успеале да го добијат контакт-центарот на ЕВН велат дека им било кажано дека станува збор за голем дефект.
Повеќе информации за дефектот се очекуваат во текот на денот од страна на надлежните од МЕПСО, државната компанија за пренос на електрична енергија.