ПАТНИЧКИ АВИОН ЛЕТАЛ 10 МИНУТИ БЕЗ ЧОВЕЧКИ НАДЗОР ОТКАКО ПИЛОТОТ ОТИШОЛ ВО ТОАЛЕТ, А КОПИЛОТОТ СЕ ОНЕСВЕСТИЛ

    ПАТНИЧКИ АВИОН ЛЕТАЛ 10 МИНУТИ БЕЗ ЧОВЕЧКИ НАДЗОР ОТКАКО ПИЛОТОТ ОТИШОЛ ВО ТОАЛЕТ, А КОПИЛОТОТ СЕ ОНЕСВЕСТИЛАвион на „Луфтханза“ на аеродромот во Франкфурт. (Фото: СДК.МК)

    Авион на германската авиокомпанија „Луфтханза“ на релација Франкфурт-Севилја минатата година летал околу 10 минути без пилот во пилотската кабина, откако копилотот се онесвестил додека бил сам, објави германската новинска агенција ДПА. Инцидентот се случил на 17 февруари 2024 година, на лет со авион Ербас А321, во кој имало 199 патници и шест членови на екипажот.

    Според извештајот на шпанската управа за истрага на несреќи (CIAIAC), копилотот изгубил свест додека капетанот бил во тоалетот. Иако онесвестениот копилот ненамерно ракувал со контролите, авионот продолжил да лета стабилно благодарение на активниот автопилот. Во овој период, уредот за снимање гласови во пилотската кабина регистрирал невообичаени звуци кои укажувале на акутен здравствен проблем.

    Капетанот првично се обидел да влезе со редовниот код за отворање на вратата, кој активира звучен сигнал во пилотската кабина за копилотот да ја отвори. Тој го внел кодот пет пати безуспешно. Стјуардеса се обидела да го контактира копилотот преку интерниот телефон.

    На крајот, капетанот внел код за итни случаи што му овозможува сам да ја отвори вратата. Меѓутоа, непосредно пред вратата автоматски да се отвори, копилотот ја отворил однатре и покрај тоа што не се чувствувал добро.

    Пилотот потоа одлучил да изврши вонредно слетување во Мадрид, каде што неговиот колега бил пренесен во болница. Од Луфтханза за ДПА изјавиле дека се запознаени со извештајот од истрагата и дека нивниот оддел за безбедност на летови исто така спровел истрага, но не ги соопштиле резултатите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира