Либералниот градоначалник на Букурешт и математичар, Никушор Дан, е победник во вториот круг од претседателските избори во Романија, беше соопштено на неговите поддржувачи кои ја прославуваа победата. Иако гласовите од дијаспората сè уште пристигнуваат, математичките пресметки покажуваат дека неговата предност е недостижна.
Според делумните резултати, во вториот круг гласале 11,64 милиони Романци. Од нив, 1,64 милиони гласале надвор од Романија, а нешто под 10 милиони во самата земја.
По пребројувањето на повеќе од 99% од гласовите во Романија, Дан освоил 55% од гласовите, додека неговиот противкандидат, националистот и поддржувач на Трамп, Ѓеорѓе Симион, освоил 44,94%.
Иако остануваат да се пребројат уште околу 790.000 гласови од романската дијаспора, каде Симион има предност, тоа не е доволно за да ја надомести разликата.
Либералниот градоначалник има севкупна предност од 907.000 гласови, што ја прави победата на Симион невозможна.