Велешкиот Народен музеј работи со 11 објекти, од нив 8 се сопственост на културната институција, а три се дадени на користење. Сите се во одлична состојба, одржувани, сочувани и отворени за посетителите иако за нив се грижат само четворица вработени заедно со директорот.
„По систематизација музејот треба да вработи 17 луѓе. Недостигаат стручни лица, носители на дејноста, немаме историчар, историчар на уметност, етнолог, конзерватор. Имаме огромни збирки, а нема кој да се грижи за нив. Имаме и неколкумина волонтери, но неопходни се итни вработувања. Така ги одржуваме објектите кои ги поседуваме“, рече Ангел Коруновски, директор на Народниот музеј во Велес.
Oд овие 11 објекти, дури седум се од ‘А’ категорија, заштитени од државата, од национално значење. Тоа се Спомен-костурницата, четирите спомен-куќи од НОБ во историското Горно Врановци и родните куќи на Коста Солев-Рацин и Васил Главинов. Велешкиот музеј се грижи и за куќата на Касапови, куќата на Јордан Хаџи Константинов-Џинот и за Ликовниот салон.
Најпосетувана од домашни посетители е куќата на Рацин, а за странците најпривлечна е Спомен-костурницата, пример за бруталистичка архитектура. Во ризницата на артефакти на Велешкиот музеј се окарината, глинен музички инструмент кој е стар 6.000 години, пронајден 2007 на локалитетот Мрамор- Чашка од археологот Трајанка Јовчевска, и дијадемата од злато која е од вториот век пред нашата ера, откопана од локалитетот Градиште крај Згрополци од археолог Анита Василковска-Мидова.
„Изминативе години се вршеше реконструкција на Археолошкото одделение. Таа треба да заврши до крајот на годинава и тогаш овие два артефакти, но и многу други вредни, значајни од национален карактер, ќе бидат поставени пред јавноста. Обезбедени се и соодветни витрини за такви предмети. Набавени се и монитори за сите збирки кои ги поседуваме“, кажа Коруновски.
До 2008, во надлежноcт на Музејот од Велес бил и локалитетот Стоби.
Народниот музеј Велес е формиран на 24 март 1946, по иницијатива на гимназискиот професор Ѓорѓи Милошев подоцна Г. Г. Гаврил, третиот архиепископ по возобновувањето на Македонската православна црква (МПЦ). Во првите десетина години од работата Народниот музеј ја покривал територијата на Прилеп, Велес, Повардарието до Гевгелија и збирките со кои располага се со бројни артефакти од централна Македонија.
Зградата каде се сместени четирите одделенија е во центарот на градот, датира од 1920 година и е дело на рускиот мигрант, архитектот Солоцев, кој во Велес има проектирано повеќе објекти. Во зградата, објект на Народен музеј, се сместени Историското, Етнолошкото и Археолошкото одделение кое е во реконструкција, а од неодамна и одделението каде се поставени ликовни дела, цртежи и скулптури, кои се во сопственост на музејот.
П. ПЕЧКОВ