Во Македонија за првпат се регистрирани два случаја на мајмунски сипаници, соопшти доцна синоќа Институт за јавно здравје (ИЈЗ).
Преносот на мајмунски сипаници од човек на човек може да се случи преку контакт со заразен материјал од повреда или течности од кожата, устата или половите органи, вклучително и преку допирање, близок контакт и секс. Може да се распространува и преку воздушен-капен пат при зборување, кашлање или кивање.
Мајмунски сипаници се вирусна болест преизвикана од истоимен вирус, а која е регистрирана во повеќе земји од Централна, Западна Африка, Европа, Америка и Канада. Извор на заразата е заболено животно или човек. Симптомите се слични како и за другите сипаници: температура, трески, главоболка, мускулни болки, болка во грбот, отечени лимфни јазли, замор, исип. Периодот на инкубација е од 5 до 21 ден зависно од патот на пренесување и изложување на болеста. Компликациите можат да бидат секундарни инфекции, бронхопневмнија, енцефалитис, инфекција на рожницата на окото со губење на видот и сепса.
Од Институтот велат дека заразените кај нив биле испратени од Клиниката за кожни болесто и било назначено да се направи испитување и за ХИВ, сифилис и херпес.
„Институтот за јавно здравје изврши лабораториски испитувања на 3 различни начини со што лабораториски се потврдија два случаи на мајмунски сипаници. Бидејќи за првпат во нашата држава се лабораториски потврдени мајмунски сипаници, после добиените резултати, веднаш се реагираше брзо, се превземаа соодветни мерки и се известија надлежните институции, Министерство за здравство, Клиниката за кожни болести, Инфективната клиника. Согласно протоколите по добиеното известување, докторот кој ги примил пациентите ги информира пациентите за добиените резултати. Потоа следи епидемиолошка анкета од страна на епидемиолози од Институтот .
Стручни лица епидемиолози од ИЈЗ се вратени на работа и пристапија кон епидемиолошко анкетирање на двете лица, како би се добиле податоци кои би биле исклучително важни за понатамошно постапување. Анкетата е сѐ уште во тек. Ќе биде препорачано на позитивните пациенти да се јават на Инфективна клиника“, велат од ИЈЗ.
Институтот апелира дека во моментов нема простор за паника, бидејќи брзо и навремено институционално се превземаат сите потребни мерки.
„Вечерва се мобилизирани сите институционални капацитети за надминување на последиците од ваквата појава и се превземаат сите превентивни мерки. Денес ќе следат подетални информации за јавноста“, велат од ИЈЗ.
Лани во декември, мајмунски сипаници се појавија во Косово, и директорот на Инфективната клиника во Скопје, д-р Фадил Цана тогаш рече дека во земјава досега нема регистрирано случај на мајмунски сипаници, а ако се појави, вели дека се подготвени и дека имаме стручњаци добро запознати со болеста.