ЖЕНА ГИ СОЗДАЛА ПРВИТЕ ПЛАНОВИ ЗА РЕМОНТ НА РЕК, А СЕПАК НА МАЖИТЕ ПОВЕЌЕ ИМ СЕ ВЕРУВА, РЕКОА НА ТРИБИНАТА ЗА ОХРАБРУВАЊЕ ШТО ПОВЕЌЕ ЖЕНИ ДА СТУДИРААТ И РАБОТАТ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА

    ЖЕНА ГИ СОЗДАЛА ПРВИТЕ ПЛАНОВИ ЗА РЕМОНТ НА РЕК, А СЕПАК НА МАЖИТЕ ПОВЕЌЕ ИМ СЕ ВЕРУВА, РЕКОА НА ТРИБИНАТА ЗА ОХРАБРУВАЊЕ ШТО ПОВЕЌЕ ЖЕНИ ДА СТУДИРААТ И РАБОТАТ ВО ЕНЕРГЕТИКАТАГрадежната инженерка м-р Мимоза Фајдига (втора од лево), денес проектна менаџерка во АД МЕПСО, беше првата жена која изработила информатички програми за работењето на РЕК. (Фото: СДК.МК)

    Денес често се зборува за ремонти на блоковите во Рударско-енергетскиот комбинат (РЕК) „Битола“, но ретко кој знае дека жена ги изработила првите динамички планови со кои долгите ремонтни активности се намалиле од 60 на 45 дена. M-р Мимоза Фајдига, градежна инженерка, денес проектна менаџерка во АД МЕПСО, беше првата жена која изработувала информатички програми за работењето на РЕК.

    Таа за својата кариера зборуваше на трибината „Жени во енергетиката: од визија до акција“ која се одржа во Охрид за да се поттикнат што повеќе жени да студираат технички науки и да работат во овие струки.

    „На постипломски студии на Градежен факултет во Загреб јас бев најмлада, со мене беа само директори на големи фирми. Не знаеја математика и им ги решавав задачите. Ми нудеа работа по цела Југославија. Влегов во ‘Искра делта’, компјутерска фирма која, за жал, прва банкротираше по распадот на Југославија. Ме побараа во Електростопанство да ги работам мрежните динамички планови за ремонтите во РЕК. Ремонтите траеја 60 дена. Ние со правилно планирање успеавме да ги скратиме на 45. Можете да замислите што значеше блок 15 дена побрзо да тргне со работа, колку пари тоа носеше“, вели Фајдига.

    Има бројни успешни примери на инженерки во Македонија кои работат рамо до рамо со мажите, но сè уште постојат стереотипи дека ова се машки професии.

    Има бројни успешни примери на инженерки во Македонија кои работат рамо до рамо со мажите, но сè уште постојат стеротипи дека ова се машки професии, rekoa na tribinata. (Фото: СДК.МК)

    „Иако се случува како инженерки да се качиме по покриви да провериме дали се во ред за да се постават фотоволтаици, какви греди имаат како статика, кога јас и колегата од терен ќе се вратиме во канцеларија, неговиот збор вреди повеќе. Носиме пресметки од терен, другите одат кај колегата и го прашуваат ‘што измеривте’, а јас сум со метрото в раце“, рече м-р Емилија Сарафска, електроинженерка и советничка за енергетика во Општина Битола.

    Лидија Ангелкова од „ПРЕДА Плус“ рече дека постои системска дискриминацијата и целта на настанот е да се разбие преку позитивни примери за жените кои го трасираат патот во техничките професии.

    „Имав случај кога бев одбиена од работа зашто сум женско. Еднаш ми рекоа што правиш тука во машки свет, оди таму шминкај се. Но, не се откажав и денес работам во Министерството за енергетика каде 40 проценти од вработените сме жени и работиме на тоа да направиме баланс во родовата еднаквост до 50 проценти“, рече Елена Ивановска, советничка во кабинетот на министерката за енергетика Сања Божиновска.

    Учесниците на трибината, меѓу кои имаше и мажи, заклучија: „Не е точно дека шминката и инженерството не одат заедно, тоа се предрасуди, а ние сите сме луѓе’“.

    Дискусијата беше во парнерство со „ПрајмПоинт Партнерс“ (PrimePoint Partners) и со поддршка на Универзитетот за информатички науки и технлогии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Настанот организиран од ПРЕДА Плус, со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Фондот за климатски инвестиции (CIF), е во рамките на проектот „Преглед од засегнатите страни за родовата еднаквост за АКТ инвестицискиот план“ (Stakeholder Review on Gender for the ACT Investment Plan), дел од програмата ВОЛКОТ (WOLCOT).

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира