Комедијата „Чорбаџи Теодос“ по текст на Васил Иљоски, а во режија на Дамјан Димовски, кому ова му е дипломска работа, е на 26 мај ќе има премиера во Народниот театар Битола (НТБ).
„Текстот е пишуван во 1937 , а тие исти работи ни се случуваат и денес само во поинакви околности и амабалажа. Во брзиот начин на живот луѓето ги имаат загубено емпатијата и разбирањето и сите сакаме да стигнеме до целта прегазувајќи го другиот“, рече Димовски.
Во претставата ликот на Теодос го игра Живко Борисовски, кој рече дека лакомото око и грабливата рака продолжуваат, за жал, и по околу 100 години. Во претставата играат и Марија Стефановска, Александар Димитровски, Никола Стефанов, Сандра Грибовска-Илиевска, Елена Моше, Никола Пројчевски, Александар Копања, Петар Спировски и Марија Цветановска.
Драматургот Билјана Крајчевска рече дека во претставата се користени и материјали од комедијата „Свадба“ на Иљоски, од Шекспир, а ставени се и мали документарни интервенции.
„Ме инспирираше визијата на режисерот за тоа колкав притисок правиме врз децата во донесувањето на нивните одлуки. Оваа тема за еден авторитативен татко во фамилијата преживеала, за жал или за среќа, до денес“, рече Благој Мицевски, костимограф и член на Уметничкиот совет на Театарот. Сценографијата е на Валентин Светозарев.
Директорт Васко Мавровски рече дека претставата се поставува по четврти пат во Битолскиот театар и дека е 11-та за осум месеци откако тој е на на чело на Театарот.
„На 16 јуни се игра ‘Жиголо’ и тоа ќе биде 87. изведба на претстава за оваа година со што се израмнуваме со бројот на претстави кои се изиграле за цела 2024. Ќе завршиме со премиера на ‘Рибарски караници’, тоа ќе биде 101. изведба за 2025 и ќе го достигнеме бројот на 17.688 гледачи кои биле присутни за цела 2024 година. Успеавме да го вратиме театарот на брза лента“, рече тој.
Ж. ЗДРАВКОВСКА