Американска судијка привремено ја блокираше одлуката на администрацијата на Доналд Трамп да му ја одземе способноста на Универзитетот Харвард да запишува странски студенти. Пресудата уследи откако Харвард поднесе тужба по последната ескалација на спорот помеѓу Белата куќа и една од најпрестижните американски институции.
Универзитетот соопшти дека вчерашната одлука на администрацијата е огромно кршење на законот и правата на слободата на говорот. Владата тврди дека Харвард не направил доволно за да се бори против антисемитизмот и да ги промени практиките за вработување и прием, што универзитетот категорично го негираше.
Окружната судијка Алисон Бароуз издаде наредба за привремена блокада на одлуката на министерството за домашна безбедност, кое вчера го укина сертификатот на Програмата за странски студенти и размена на Харвард „поради неговиот неуспех да се придржува до законот“.
На Харвард има речиси 7.000 странски студенти, кои сочинуваат повеќе од 27% од годинашните уписи. Харвард во голема мера се потпира на парите што доаѓаат од странски студенти. Многумина од нив плаќаат целосна школарина, додека домашните студенти имаат пристап до помош како стипендии и заеми.
Една година школарина на Правниот факултет на Харвард чини 80.760 долари. Со вклучени домување, храна, осигурување и други трошоци, студентите треба да платат околу 120.000 американски долари за година.