ЗАГРОЗЕН ВИД ДИВА МАЧКА ЗАБЕЛЕЖАНА ВО ПЕШТЕРАТА СВИНСКА СТРНА НА ГАЛИЧИЦА

    ЗАГРОЗЕН ВИД ДИВА МАЧКА ЗАБЕЛЕЖАНА ВО ПЕШТЕРАТА СВИНСКА СТРНА НА ГАЛИЧИЦАКамерата поставена во рамките на проектот за редовен мониторинг на пештери во националниот парк ја регистрираше дивата мачка која ја користи пештерата како привремено живеалиште. (Фото: Национален парк „Галичица“)

    Во пештерата Свинска Стрна во Националниот парк „Галичица“ забележана е дива мачка. Камерата поставена во рамките на проектот за редовен мониторинг на пештери во националниот парк ја регистрираше дивата мачка која ја користи пештерата како привремено живеалиште. Дивата мачка е загрозен вид, а редовниот мониторинг е во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк ‘Галичица’“.

    „Редовниот мониторинг во пештерите и надвор од нив е одлична алатка за проучување на пештерските екосистеми во заштитеното подрачје. Камера поставена пред пештерата Свинска Стрна регистрираше дива мачка што ја користи оваа пештера во како привремено живеалиште“, велат од Црвен крст Охрид.

    Дивата мачка на главата има кратка муцка и кратки уши. Има тело кое е покриено со густо сиво-кафеаво крзно, со напречни темни шарки и една темна по должината на грбот. На кратката дебела опашка има црни прстени и црн врв. На предните нозе има пет прсти, а на задните четири. Живее во шуми со шумски чистини. Има одлично развиен слух, вид и допир, а послабо развиен мирис.

    Дивата мачка е месојад, кој лови зајаци, птици, глувци. Лови приквечер или в зори. Добро трча и се качува по дрвја. Мажјакот е поголем од женката. Неговото тело е долго до 90 сантиметри и е тежок до 15 килограми. Женката при крајот на пролетта окотува до четири младенчиња во засолниште меѓу камења или во шупливо стебло, ретко во грмушки. Обично живее 10-12 години.

    Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк ‘Галичица’“ е поддржан од „Преспа-Охрид нејчр траст“ (Prespa Ohrid Nature Trust), а го спроведуваат Црвен крст Охрид и истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ од Скопје во соработка со Националниот парк „Галичица“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира