Кој го запали трговскиот центар „Маривилска 44“ во Полска минатата година? Во мај, полските власти објавија дека сега го знаат одговорот и дека сторителите се обични цивили, регрутирани од Русија.
Во анализа на сајтот „Политико“ се вели дека Кремљ засилено почнал да ангажира фриленсери за вршење валкани дела низ Европа и тоа може да биде секој. Стратегијата е колку злобна, толку и ефикасна и кошмар за властите, зашто справувањето со проблемот е речиси невозможно.
Пожарот што го зафати трговскиот центар во раните утрински часови на 12 мај 2024 беше толку жесток што брзо се прошири низ огромниот објект. До моментот кога пожарникарите успеаја да го изгаснат пожарот, тој уништи 80 отсто од зградата и поголемиот дел од 1.400 продавници. Инцидентот беше сомнителен зашто случајни искри ретко се шират толку брзо.
На 11 мај оваа година, полскиот премиер Доналд Туск конечно објави дека властите го идентификувале виновникот.
„Сега со сигурност знаеме дека големиот пожар бил подметнат по наредба од руските специјални служби. Некои од сторителите се веќе приведени, а сите се идентификувани и се бараат“, рече Туск.
Следниот ден, министерот за надворешни работи Радослав Сикорски изјави дека имаат докази дека Русија преку Телеграм ангажирала луѓе кои живеат во Полска и им платила да го запалат трговскиот центар.
Овој пожар е само последниот пример на она што се нарекува „хонорарна агресија“, кога непријателски држави вршат штетни дејствија против други земји преку еднократни извршители.
Пред федералните избори во Германија во февруари 2024, стотици автомобили биле саботирани така што нивните издувни цевки биле блокирани или прозорците биле покриени со постери со ликот на тогашниот лидер на Зелените и вицеканцелар Роберт Хабек. Полицијата открила дека саботажите биле извршени од ситни криминалци кои биле регрутирани од руски агент преку Вибер. Агентот ветил и платил 100 евра по автомобил, изјавил во полиција еден од осомничените.
Минатото лето, една пратка се запали во складиштето на „ДХЛ“ во Лајпциг, по што слични инциденти се случија и во Варшава и Бирмингем. Властите и новинарите подоцна открија дека еден маж ги оставил пакетите во „ДХЛ“ во Вилнус. Тие содржеле козметика, секс играчки и перници, а требало да бидат испратени во Британија и Полска. Два од нив експлодирале по пристигнувањето.
Минатиот месец, домови поврзани со британскиот премиер Кир Стармер беа оштетени во подметнат пожар. Полицијата обвини двајца Украинци и еден Романец, кои биле во контакт со „други непознати“.
Моделот на еднократно ангажирање добро функционира за Русија бидејќи ѝ овозможува лесно да регрутира хонорарци или агенти за еднократна употреба, како што понекогаш се нарекуваат. Аранжманот функционира добро и за хонорарците, бидејќи тие можат да земат пари без да бидат во постојана служба на Кремљ.