Климатските промени, иселувањето, стареењето на руралната популација и незаинтересираноста кај младите за земјоделие се главни причини за намалување на земјоделското производство. Потребна е итна примена на позитивните пракси од Европа, сметаат учесниците на 25. Форум за земјоделска политика, што денеска и утре се одржува во Охрид во организација на Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG) во Југоисточна Европа и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според професорот од Земјоделскиот факултет во Скопје, Ордан Чукалиев, климатските промени се само еден од сегмените, а поголем проблем е тоа што земјоделството во земјава е многу расцепкано, но и просечната старост на земјоделецот.
„Нашата просечна фарма е два хектари, што е малку за да живееш од нејзе, тоа не е економски профитабилно стопанство. Втор проблем е возраста, во 2015 година возраста на просечниот македонски земјоделец беше 56 години, од тогаш многу малку млади влегуваат во секторот, сега нашиот просечен земјоделец е постар од 60 години. Најголем дел од македонските земјоделци се со незавршено или завршено основно образование“ , вели Чукалиев.
Генералниот секретар на постојаната работна група, професорот Бобан Илиќ, смета дека земјоделскиот сектор не е атрактивен за млади луѓе, а процесот на иселување е европски тренд.
„Имаме напуштање на селата. Процес на иселување и стареење на руралната популација. Тоа не е својствено само за Македонија, тоа е европски тренд. Потребна е регенерација на руралните региони, за што во повеќе земји во Европа се основаат и посебни министерства кои работат на проблематиката“, вели Илиќ.
Според државниот секретар во Министерството за земојделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, државата е ориентирана на производство на земјоделски производи, но сите дефицити треба да бидат увезени.
„На тој начин ние даваме поддршка на македонскиот земјоделец. Така ќе можеме да ги мотивираме и младите и останатите да продолжат со оваа земјоделска дејност, која е добра професија и особено значајна за мала држава како Македонија“, рече Серафимовски.
Според учесниците на Форумот, најмногу погодени од климатските промени се централниот и источниот дел од државата кои се погодени од зголемени температури, сушни периоди, мало количество дожд и недоволната концентрација вода во акумулациите за наводнување на земјоделските површини. Една од мерките за заштита се инвестициите во агриволтаици, од кои би имало двојна корист, заштита на производството на земјоделските производи и производство на електрична енергија.
С. ВРЕНЦОВСКА