БУГАРИЈА И ОФИЦИЈАЛНО СТАНА 21. ЧЛЕНКА НА ЕВРОЗОНАТА, 50% ОД БУГАРИТЕ НЕ ГО САКААТ ЕВРОТО

    БУГАРИЈА И ОФИЦИЈАЛНО СТАНА 21. ЧЛЕНКА НА ЕВРОЗОНАТА, 50% ОД БУГАРИТЕ НЕ ГО САКААТ ЕВРОТОСо просечна месечна плата од 1.420 евра, Бугарија е најсиромашната членка на ЕУ (Фото: Гети)

    Бугарија и официјално ќе стане 21. членка на еврозоната на 1 јануари 2026, што денеска ѝ беше одобрено од Европската комисија и Европската централна банка.

    Ова е историски момент за Бугарија, еврозоната и Европската Унија. Еврото ќе донесе опипливи придобивки за бугарските граѓани и бизниси: стабилни цени, пониски трансакциски трошоци, заштитени заштеди, повеќе инвестиции и зголемена трговија. Се разбира, еврото е повеќе од валута“, изјави еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис.

    И покрај внатрешните политички поделби, Бугарија, која е членка на ЕУ од 2007, одамна изрази посветеност кон приклучување на заедничката валута, врзувајќи го левот со еврото уште во 1999. Денешната одлука може да донесе повеќе странски туристи и инвестиции во најсиромашната земја во ЕУ и ќе ја олесни трговијата.

    Сепак, многумина во Бугарија се скептични околу прифаќањето на еврото и постои голема поделеност. Распространетата корупција, острата нееднаквост во приходите и четиригодишната политичка криза обележана со серија предвремени избори и слаби коалиции ја намалија довербата во властите. Многумина стравуваат од пораст на цените за време на промената, како што се случи во другите земји во изминатата деценија.

    Анкета спроведена од Европската комисија минатиот месец покажа дека 50% од Бугарите не ја поддржуваат заедничката валута, наспроти 46% во ноември лани.

    Министерката за финансии Теменужка Петкова минатата недела рече дека еврото ќе донесе повеќе инвестиции и стабилност во Бугарија. Најави дека владата ќе започне кампања оваа недела за да ги смири граѓаните.

    Со просечна месечна плата од 2.443 лева (1.420 евра), Бугарија е најсиромашната членка на ЕУ, а населението во руралните области е особено погодено од инфлацијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира