Пациенти со часови чекаат во редици за инсулин и за закажани прегледи во скопската Поликлиника Букурешт бидејќи неколку дена нема интернет. Хаос има по ходниците, пациенти од сите возрасти со часови стојат зашто кога нема интернет не функционира ниту електронскиот систем „Мој термин“, па докторите и медицинските сестри мора рачно да ги заведуваат податоците.
„Од вчера нема интернет, пријавено е. Дефектот е од страна на А1. Станува збор за поголем дефект, се работи на решавање, но не ззнаеме кога ќе се реши“, ни изјави директорот на Здравствен дом Скопје, Самир Исени.
Во Поликлиниката е и Инсулинската аптека, каде неколку дена поради ова не се издаваше ниту инсулин. Од денеска иснулин се издава, но се чека и до еден час, оти медицинските сестри рачно ги впишуваат податоците, а понекога и се јавуваат по колеги во другите поликлиники за помош да ги вкрстуваат податоците. Редицата во Инсулинската аптека се протегаше до влезната врата на поликлиниката.
Пациенти со дијабетес кои ги затекнавме во Поликлиниката беа револтирани и во редицата коментираа дека со години секој пат кога ќе дојдат по инсулин по нешто недостастува. Некогаш нема инсулин, некогаш нема ленти за мерење шеќер, некогаш нема игли за боцкање.
„Триесет години сум на инсулин, ниту еднаш не ми се случило да има сè што треба, секогаш нешто нема. Е сега еве, има сè, ама нема интернет“, ни изјави една повозрасна пациентка што чекаше во редицата.
Б. НЕСТОРОСКА