На Светскиот ден на животната средина, во Преспа започна изградбата на фекална канализација за собирање отпадни возди и постројки за нивни третман за селата Претор, Стење, Крани, Долно Дупени, Брајчино и Сливница. Проектот во вредност од седум милиони евра е финансиран од ЕУ и кофинансиран од Програмата за развој на Обединетите нации.
Изградбата започна во Претор, каде што со канализацијата ќе се опфатат отпадните води од селото заедно со туристичката и вилската населба.
„Целта е да се зачува биолошката разновидност околу Преспанското Езеро бидејќи ова треба да биде регион кој ќе ги привлекува сите туристи кои доаѓаат овде и кога ќе дојдат, да бидат сигурни дека животната средина може да се зачува“, рече евроамбасадорот Михалис Рокас.
Градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски рече дека изградбата на канализационите системи е само инфраструктурниот дел од проектот, кој опфаќа и други активности, како што се чистење диви депонии и управување со тврдиот отпад.
Постојаниот претставник на УНДП Армен Григоријан истакна дека со Преспа соработуваат две децении и целта е со управувањето на отпадните води и цврстиот отпад да се зачува кревкиот екосистем на езерото, да се заштити биодиверзитетот, да се подобри квалитетот на животот на локалното население и да се унапреди туризмот.
Светскиот ден на животната средина оваа година се фокусира на справување со загадувањето со пластика.
Ж. ЗДРАВКОВСКА