Девет патници се повредени откако авион на „Рајанер“ бил погоден од силна турбуленција среде невреме, по што принудно слетал во Германија. Авионот летал на релацијата Берлин-Милано, а слетал во Меминген откако пилотот побарал принудно слетување поради лошо време, објави баварската полиција.
Една жена се здобила со повреди на главата, а меѓу повредените е и нејзиното двегодишно дете. Уште една жена е примена во болница, а на останатите повредени им била дадена лекарска помош на самото место.
„Рајанер“ соопшти дека пилотот на авионот побарал принудно слетување поради медицинска итна состојба. Во авионот имало 179 патници.
Еден патник изјави за весникот „Билд“ дека не биле навремено предупредени да ги врзат појасите.
„Никогаш не сум бил толку уплашен. Во тој момент помислив дека авионот ќе се распадне или преврти“, рекол еден патник.