Американските маринци ќе ѝ се придружат на Националната гарда на улиците на Лос Анџелес во следните два дена и ќе имаат овластување да ги апсат оние кои се судираат со федерални агенти или ги попречуваат рациите на имигранти. Доналд Трамп нареди распоредување на 700 маринци и 4.000 гардисти во Лос Анџелес за да се смират протестите против рациите, и покрај негодувањата и обвинувањата на гувернерот Гевин Њусом.
Протести во Лос Анџелес се одржуваат веќе шест дена и ноќеска главно биле мирни, со повремени насилства кои се ограничени на неколку улици во центарот на градот. Во меѓувреме, протестите се проширија и во други поголеми градови во САД, вклучувајќи ги Њујорк, Атланта и Чикаго.
„Ако не реагирав брзо на протестите, Лос Анџелес досега ќе изгореше до темел“, кажа Трамп.
Локалните власти сметаат дека Трамп непотребно ги разгорува тензиите со распоредувањето на федерални трупи.
„Претседателот Трамп вети дека ќе ги спроведе најголемите депортации во историјата на Америка и левичарски нереди нема да го спречат во тоа“, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит.
Американската војска објави дека баталјон од 700 маринци поминал низ специјална обука за мисијата во Лос Анџелес, вклучувајќи деескалација и контрола на толпа. Нивната цел ќе биде да ги штитат федералните имоти и персонал, но во одредени ситуации ќе смеат и да апсат.
Генерал-мајорот Скот Шерман изјави дека маринците нема да носат наполнети оружја, но ќе имаат вистинска муниција со себе.
Њусом ја тужеше владата, барајќи да запре распоредувањето на маринците и гардистите, за што првото сослушување е закажано за денеска.