ИЗРАЕЛСКИОТ НАПАД Е ОБЈАВА НА ВОЈНА, КАЖА ИРАН, ТРАМП ГО ПОВИКА ИТНО ДА СКЛУЧИ НУКЛЕАРЕН ДОГОВОР

    ИЗРАЕЛСКИОТ НАПАД Е ОБЈАВА НА ВОЈНА, КАЖА ИРАН, ТРАМП ГО ПОВИКА ИТНО ДА СКЛУЧИ НУКЛЕАРЕН ДОГОВОРИран најави дека сурово ќе го казни Израел (Фото: АП)

    Доналд Трамп го повика Иран да склучи договор за својата нуклеарна програма, велејќи дека му дал премногу шанси. Шестата рунда разговори помеѓу САД и Иран ќе се одржи в недела.

    „Им реков со најсилни зборови да го направат тоа, но без разлика колку силно се обидуваа или беа блиску, едноставно не можеа да го сторат тоа. Веќе имаше многу умирања и уништувања, но сѐ уште има време да се запре ова крвопролевање. Следните напади ќе бидат уште побрутални“, кажа Трамп.

    Тој претходно кажа дека однапред бил запознат со израелските планови да се нападне Иран, но тврди дека американската војска не била дел од операцијата.

    Израел ноќеска го нападна Иран со проектили и дронови, при што биле погодени десетици нуклеарни и воени мети и биле убиени најмалку 20 високи воени заповедници и шестмина нуклеарни научници. Израелската војска соопшти дека воени авиони погодиле подземен команден центар каде што претставници на Револуционерната гарда се собрале за да се подготват за напад врз Израел, при што го убиле генералот Амир Али Хаџизадех, заповедникот на воздушните сили на гардата. Неговата смрт ја потврди и Иран.

    Иран најави дека сурово ќе го казни Израел, а министерот за надворешни работи Саед Абас Аракчи ги опиша израелските напади како објава на војна.

    „Нападите се грубо кршење на суверенитетот на Иран. Нашиот одговор ќе го натера Израел да се покае за својот глупав чин“, изјави Аракчи.

    Иранските државни медиуми објавија дека повеќе експлозии имало во Техеран и североисточно од главниот град, како и во нуклеарниот комплекс во Натанз. Иран за одмазда лансираше стотина дронови кон Израел утрово, но сите биле пресретнати.

    „Се наоѓаме во решавачки момент во историјата на Израел. Ја лансиравме операцијата ‘Исправен лав‘ за спречување на иранската закана по опстанокот на Израел. Операцијата ќе трае колку што биде потребно за да се отстрани таа закана“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира