НОВИТЕ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ВО БИТОЛА СЕ СО КАМЕЊА, ОПОЗИЦИЈАТА ГИ НАРЕЧЕ ЦРВЕН КИЛИМ ОД „ТЕМУ“, ОПШТИНАТА ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ ГИ ПОПРАВИ

    НОВИТЕ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ВО БИТОЛА СЕ СО КАМЕЊА, ОПОЗИЦИЈАТА ГИ НАРЕЧЕ ЦРВЕН КИЛИМ ОД „ТЕМУ“, ОПШТИНАТА ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ ГИ ПОПРАВИОва се велосипедските патеки за кои Општината бараше од Советот да ги пренасочи парите од проект на ЕУ (Фото: Г. Велевски)

    Црвен килим на кој ќе се сопнете од камен или велосипедски патеки од „Тему“, вака советниците од „Поинаку“ и Левица ги нарекоа новите велосипедски и пешачки патеки на улиците Васко Карангелевски и Партизанска во Битола, коментирајќи ги пропустите на изведувачите.

    На црвениот килим ќе се сопнам од камен. Ете, вака изгледаат 500.000 евра наши пари“, вели претседателката на Советот, Габриела Илиевска, од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ во видеото објавено на социјалните мрежи, во кое од велосипедската патека подигнува камен.

    Со прекопани тротоари и две канти боја добивме велосипедски патеки од ‘Тему‘. Тие можат да предизвикаат несакани незгоди, па затоа апелираме до велосипедистите и родителите со своите деца кои се движат по тротоарите значително да внимаваат поради скратените патеки“, предупреди советникот Горан Велевски од Левица.

    Габриела Илиевска од „Поинаку“ извади камен од штотуку асфалтираната и обоена велосипедска патека. (Фото: Фејсбук)

    Два часа по објавата на Илиевска, од Општина Битола до медиумите стигна соопштение дека било констатирано дека при реконструкцијата на постоечките тротоари на дел од улиците Васко Карангелевски и Партизанска изведувачот на градежните работи направил пропусти при подигнувањето на затворачите и капаците на одредени локации. Од Општината додаваат дека нивни екипи излегле на терен, ја утврдиле состојбата и веднаш реагирале до изведувачот за коригирање на пропустите, со оглед на тоа дека проектот е во тек на реализација и не е целосно исплатен. Додаваат дека веќе ги имале евидентирано и пропустите што ги снимила Илиевска и постапувале по нив.

    Ова е само еден од повеќето пропусти на изведувачите на инфраструктурните проекти констатирани во последно време во Општина Битола. Деновиве се копаше новиот асфалт на улицата Стив Наумов поради неквалитетна изведба. Таков беше случајот и со улицата Бурса, каде во мај годинава распука асфалтот поставен пред неполн месец. Беше констатирана и соголена арматура на мостот на реката Драгор на улицата Довлеџик, две и пол години по реконструкцијата. Асфалтот се деформираше и на новиот кружен тек кај поранешната Ветеринарна станица во Битола, само два месеца откако беше поставен.

    Ова се велосипедските патеки за кои Општината бараше од Советот да ги пренасочи парите од проектот на ЕУ „Смарт фор ју ту“, планирани за реконструкција на поранешниот ресторан „Парк“ кај Офицерски дом. Од опозицијата во повеќе наврати соопштија дека не се против велопатеки, туку дека општинските власти потпишале анекс кон основниот договор за пренамена на средствата без одлука на општинскиот Совет.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира