Иранските проектили ги погодија Тел Авив и Хаифа ноќеска, при што загинаа најмалку пет луѓе и беа уништени домови. Најмалку 100 луѓе се ранети.
Видеоснимки покажуваат проектили како летаат над Тел Авив и Ерусалим и се слушаат експлозии. Неколку станбени згради во густо населено подрачје на Тел Авив се уништени, стотици метри од огранокот на американската амбасада во градот. Оттаму кажаа дека нема повредени меѓу персоналот.
Иранската револуционерна гарда кажа дека во последниот напад применила нов метод кој ги натерал повеќеслојните одбранбени системи на Израел да се гаѓаат едни со други.
„И покрај сеопфатната поддршка од САД и западните сили и поседувањето на најсовремена и најнова одбранбена технологија, иницијативите и способностите користени во оваа операција доведоа до успешно и максимално погодување на целите на окупираните територии“, објави гардата.
Израелските власти постојано велат дека нивниот одбранбен систем „Железна купола“ не е стопроцентно ефикасен и предупредија на тешки денови.
Иран ми кажал на посредниците од Катар и Оман дека нема да прифати да преговара за примирје додека земјата се напаѓа. Израел засега не дава сигнали дека планира да запре со нападите и дури најави нивно засилување.
Израелската војска кажа дека утрово повторно нападнала заповедни центри на Револуционерната гарда и иранската војска. Иран потврди дека во вчерашните напади загинале шефот на разузнавачкиот оддел на Револуционерната гарда, Мохамад Каземи, неговиот заменик Хасан Мохакек и уште еден командир.