Михаил Мирчески, матурант од меѓународното училиште „НОВА“, ја продолжува својата академска кариера на престижниот американски Универзитет Дјук (Duke University). Главна причина за изборот е уникатната програма што го спојува интересот за физиката, инженерството и компјутерските науки, што Михаил ги проучуваше во средно училиште.
– Михаил, твоето досегашно образование е богато со успеси, особено во науката, физиката и компјутерите. Кога почна да размислуваш за студии во странство и како „НОВА“ ти помогна во подготовката за процесот на аплицирање?
„За студии во странство размислував уште пред да се запишам во ‘НОВА‘. Таму добив поддршка и подготовка за процесот на аплицирање уште од прва година. Академските советници во ‘НОВА‘ редовно подготвуваа презентации за различни дестинации за студирање во странство кои ме насочија во барањето на факултети што нудат програми што би ми се допаднале и во кои би можел да добијам стипендии. Сепак, најголемата поддршка ми беше потребна во четврта година, кога со советниците работев на испраќање на потребните документи за апликација. Исто така, учеството во ригорозната образовна програма IBDP (International Baccalaureate Diploma Programme – Меѓународна матура), што се нуди во ‘НОВА‘ во трета и четврта година, верувам дека ме направи поконкурентен во очите на странските факултети во процесот на аплицирање“.
– Уште од деветто одделение се истакнуваше со талент и посветеност. Кој ти помогна најмногу во оформувањето на академскиот профил потребен за прием на врвни универзитети – наставниците, менторите, семејството?
„Посветеноста на професорите во ‘НОВА‘ беше клучна во поглед на мојот развој како ученик и човек, што понатаму резултираше во формирање конкурентен профил за апликации во странство. Нивната отвореност во комуникацијата, како и поддршката во однос на писмата со препорака, беа клучен дел за прием на универзитетите. Тие беа достапни за какви било прашања во и надвор од училницата, а со дел од нив воспоставив блиски контакти и преку воннаставните активности и клубови во кои учествував. Но, поддршката на семејството секако ми беше исто толку важна. Моите родители уште од најрана возраст ги поставија темелите на мојата љубопитност кон природните науки и математиката. Тие беа тука за мене во најстресните моменти од процесот на аплицирање“.
– Аплицираше на голем број престижни универзитети, а прифатен си на некои од најдобрите во САД, Канада и Европа. Како изгледаше процесот на избор каде да аплицираш? Кои критериуми беа најважни за тебе?
„Кога разгледував опции каде да аплицирам, најважна беше информацијата колку финансиска помош и какви стипендии нудат универзитетите, бидејќи ќе беше речиси невозможно да одам каде било во странство без некаква финансиска помош, а особено во САД, која ми беше најпримамлива дестинација. Следно беа фактори како можностите за научно истражување уште во додипломските студии, квалитетот на студиските програми и професорите, можностите за вмрежување и локацијата“.
– Зошто токму Универзитетот Дјук? Што беше пресудно во твојата одлука – наставната програма, професорите, истражувачките можности или атмосферата?
„Дјук ги исполни сите критериуми кои ми беа важни за еден универзитет. Добив целосна стипендија, која ги покри сите трошоци за школарина, сместување, храна, осигурување, а дури имам и дополнителни средства секоја година кои можам да ги употребам во многубројните истражувачки можности што универзитетот ги нуди или стажирања. Друго нешто што ми се допаѓа е фактот што нуди голема флексибилност во изборот на насока (major), која се избира во втора година. До тој момент можеш сам да си го креираш распоредот и да си одбереш кои предмети би сакал да ги изучуваш. Универзитетот исто така има прекрасен кампус, а храната е рангирана како една од најдобрите во универзитетите во Америка. Има прекрасна студентска атмосфера заснована врз кошаркарските игри, бидејќи тимот на Дјук е еден од најдобрите универзитетски кошаркарски тимови во Америка“.
– Што беше најголемиот предизвик за тебе во самиот процес на аплицирање и како го надмина? Како да се биде спремен за таков тест, според тебе? Колку основното и средното образование се темел за успех?
„Конкретно, бидејќи јас аплицирав на голем број универзитети во различни држави (Америка, Обединетото Кралство, Холандија, Канада, Германија, Франција), беше голем предизвик да се балансираат сите апликации и да се следат сите рокови за стипендии. Секоја апликација, особено во САД и Канада, бараше голем труд бидејќи за секој универзитет требаше да пишувам различни есеи. Менаџирањето на времето е една од вештините која беше неопходна за да успеам да аплицирам на толку места. Секако, основното и средното образование беа клучни за формирање на добар профил како апликант. Под тоа ја подразбирам не само IB-програмата, која веќе ја спомнав, туку и инволвираност во воннаставни активности, формирање на студентски клубови, учество на натпревари и наоѓање можности за истакнување надвор од училницата“.

Михаил покажува интерес за физика, инженерство и компјутерски науки уште од средно училиште (Фото: НОВА)
– Колку беа важни стандардизираните тестови, наградите од натпревари на „НОВА“ и воннаставните активности за успешното аплицирање? Што мислиш, што беше тоа што најмногу ги убеди универзитетите да те примат?
„Аплицирањето на универзитети како што е Дјук се состои од многу делови, прво се резултатите од стандардизираните тестови (SAT) на кои се тестираат знаењата по математика и англиски јазик и свидетелствата од прва до четврта година средно, кои треба да бидат на највисоко ниво за поголема конкурентност. Понатаму доаѓаат различните воннаставни активности во кои бев вклучен во ‘НОВА‘, како што е глума во пар (duet acting) и квиз на знаење (knowledge bowl), но и клубовите што јас ги започнав со моите соученици, како што се клубот за физика и клубот за филм. Исто така, важно е и до кој степен апликантот ги продлабочувал своите знаења во полето на својот интерес. Конкретно во мојот случај, тоа се случи многу органски преку учество во натпревари и фактот што секое лето бев вклучен во некоја летна школа поврзана со физика. Есеите се исто така важни, како и писмата со препорака од професорите во средно, во кои универзитетите можат да видат какви се апликантите како луѓе, за што се љубопитни и како го поминуваат слободното време. Не би можел да издвојам еден аспект што владее над другите во поглед на успешна апликација, бидејќи сите се еднакво важни, сите играат улога во формирање на сликата за апликантот, не само како ученик, туку и како личност“.
– Што би им препорачал на учениците од Македонија кои сонуваат за студии во странство, но не знаат од каде да почнат? Кои се првите чекори што треба да ги направат, дали тоа е уште во средно при изборот на училиште?
„Мислам дека најпрво не треба да си создаваат стрес во поглед на тоа како да се обликуваат себеси како добар апликант. Едноставно, треба да ги следат своите интереси и да бидат ангажирани во воннаставните активности кои им се допаѓаат, бидејќи така успехот ќе дојде сам по себе. Првиот чекор секако би бил добивање информација за тоа како се одвива процесот на аплицирање. Сметам дека тоа во ‘НОВА‘ е организирано на одличен начин и јас сум многу среќен со мојот избор на средно училиште. Во тој поглед, еден од клучните фактори е изборот на средно училиште, но секако успехот може да се случи без разлика во кое средно училиште учите, бидејќи најмногу зависи од индивидуалната посветеност и труд“.