„Хајнекен“ ја изгуби оперативната контрола и ги повлече своите вработени од своите објекти во областите погодени од конфликт во источниот дел на Демократска Република Конго, соопшти вчера холандската пиварница. Гигантот за пијалоци во март изјави дека неговите операции во три источни градови ќе останат суспендирани додека не биде безбедно повторно да се отвори, откако некои од неговите пиварници беа погодени, а неговите депоа беа нападнати за време на борбите меѓу армијата и бунтовниците.
Но, вчера производителот на пиво изјави дека ситуацијата дополнително се влошила и оти вооружен персонал ја презел контролата врз објектите во Букаву и Гома – двата најголеми града во источен Конго, сега под контрола на бунтовниците – и околните области.
„Условите потребни за одговорно и безбедно работење повеќе не постојат и од 12 јуни 2025 година ја изгубивме оперативната контрола“, се вели во соопштението.
Подружницата на Хајнекен во Конго, Бралима, сè уште работи во други делови од земјата кои не се погодени од конфликтот, соопшти компанијата, додавајќи дека ќе продолжи да ја проценува ситуацијата што се развива.
Групацијата поседува четири пиварници во Конго, кои произведуваат пиво „хајнекен“, како и други популарни брендови како „примус“. Претходно беше соопштено дека објектите во Букаву вработувале околу 1.000 луѓе, директно и индиректно. Речиси 14% од вкупните приходи на „Хајнекен“ доаѓаат од неговите бизниси на Блискиот Исток и Африка, каде што Конго, со население од над 100 милиони, е голем пазар. Нејзините операции во градовите Гома, Букаву и Увира заедно претходно сочинуваа околу една третина од бизнисот на „Хајнекен“ во Конго.
Борбите во источен Конго ескалираа оваа година, бидејќи бунтовничката група М23 брзо напредува што ги зголеми стравувањата од поширок конфликт. Конго вели дека Руанда ја поддржува М23 со испраќање војници и оружје. Руанда долго време негираше дека ѝ помага на М23. Двете земји и САД на 18 јуни изјавија дека нивните технички тимови го парафирале нацрт-мировниот договор што се очекува да биде потпишан следната недела.