ТРАМП ЈА ПОЧНА ВОЈНАТА, НО НИЕ ЌЕ ЈА ЗАВРШИМЕ, КАЖА ИРАН, АЈАТОЛАХОТ БАРА ПОГОЛЕМА ПОМОШ ОД ПУТИН

    ТРАМП ЈА ПОЧНА ВОЈНАТА, НО НИЕ ЌЕ ЈА ЗАВРШИМЕ, КАЖА ИРАН, АЈАТОЛАХОТ БАРА ПОГОЛЕМА ПОМОШ ОД ПУТИНТрамп на социјалните мрежи ја навести можноста за уривање на актуелниот ирански режим (Фото: АП)

    Иран кажа дека американските напади врз иранските нуклеарни постројки го проширија опсегот на легитимни цели за неговите вооружени сили, опишувајќи го Доналд Трамп како коцкар зашто се придружил на израелските напади. Иако продолжи да го ракетира Израел, Иран досега не презел акција против САД, што може да вклучи напади врз нивните воени бази на Блиски Исток или врз поморскиот транспорт на нафта.

    „Трамп е коцкар кој можеби ја почнал оваа војна, но ние сме тие кои ќе ја завршиме“, изјави Ебрахим Золфакари, портпаролот на централното воено седиште Хатам ал-Анбија.

    Владата на Трамп повторува дека нејзината цел не е поширока војна со Иран, туку исклучиво уништување на иранската нуклеарна програма. Сепак, Трамп на социјалните мрежи ја навести можноста за уривање на актуелниот ирански режим.

    Иранскиот ајатолах Али Хаменеи денеска го испрати својот министер за надворешни работи Абас Аракчи во Москва, со цел да побара поголема помош од Владимир Путин по американските напади. Иако ги осуди израелските напади, Путин досега не ја коментираше американската акција.

    „Иран не е импресиониран од досегашната поддршка од Русија. Сакаме Путин да направи повеќе“, изјавија ирански функционери за „Ројтерс“.

    Кремљ потврди дека Путин ќе се сретне со Аракчи, но не кажа за што ќе разговараат. Русија и Иран оваа година потпишаа договор за стратешко партнерство, но за разлика од ваквиот договор на Москва со Северна Кореја, тој не вклучува клаузула за заемна одбрана.

    „Русија е спремна да му помогне на Иран. Понудивме да бидеме посредници во преговори, тоа е конкретно“, кажа портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира