Стотици пожарникари веќе трет ден се борат со пожарите на различни локации на грчкиот остров Хиос, при што локалните власти прогласија вонредна состојба.
На островот во североисточниот дел на Егејското Море се распоредени повеќе од 440 пожарникари, на кои им помагаат осум противпожарни авиони. Пожарите зафатија големи шумски и земјоделски површини и принудија стотици селани да се евакуираат.
Хиос е среде туристичката сезона и властите се обидуваат да го спречат ширењето на огнот кон областите познати по насадите на мастикови дрвја, од кои се добива ароматичната смола мастика.
„Сѐ уште има многу работа за да се стават пожарите под контрола. Северните ветрови ги отежнуваат условите за гаснење“, изјавија од локалната противпожарна бригада.
Грција е подложна на пожари во топлите месеци. Властите оваа година ангажираа рекордни 18.000 пожарникари во очекување на сезоната на пожари.