Трет ден корисниците на мобилниот оператор А1 не можат да платат паркинг преку смс порака од телефон на паркиралиштата на ЈП „Паркизни Општина Центар“ (ПОЦ). Откако ќе се прати пораката, наместо порака за наплата на паркинг карта се добива смс во која стои „А1 го проследи вашето барање до давателот на услуга. Во моментов поради технички проблем не може да се реализира вашето барање“.
При јавување во контакт-центарот на ПОЦ на корисниците кои им велат дека не можат да платат паркинг, им одговараат дека ќе добијат казна ако го паркираат возилото.
„Веќе неколку дена имаме проблем со мобилниот оператор А1 и не може да се плати паркирањето. Ако го оставите возилото на паркинг ќе заработите казна бидејќи вашата порака не е регистрирана“, ни рекоа од контакт-центарот на ПОЦ.
На нашето прашање зошто казнуваат граѓани кога проблемот не е до нив, туку претпријатието не овозможува наплата, само ни рекоа дека таква е одлуката.
За разлика од контакт-центарот, директорот на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ Душко Коцевски ни изјави дека не се казнува.
„Точно е дека има проблем со операторот А1, но ние не казнуваме. Поточно, иако граѓаните не добиваат порака дека платиле паркинг карта нивното барање е регистрирано во системот и нема да се казнат. Ако некој добил казна може да дојде во нашето претпријатие да поднесе приговор“, ни изјави Коцевски.
Од мобилниот оператор А1 до крај на работното време не добивме одговор зошто има проблем со плаќање на паркинг карта преку нивната мрежа.
А. АНТЕВСКА