Иранскиот амбасадор во Обединетите нации, Амир-Саеид Иравани, изјави дека Иран никогаш нема да престане да збогатува ураниум зашто тоа е дозволено за мирољубиви цели според договорот за неширење на нуклеарно оружје.
„Збогатувањето е наше неотуѓиво право и сакаме да го спроведеме тоа право. Иран е спремен да преговара, но безусловно предавање не доаѓа предвид. Не дозволуваме САД да ни диктираат политики“, изјави Иравани.
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), Рафаел Гроси, вчера кажа дека Иран има капацитет повторно да започне со збогатување ураниум, потенцијално за нуклеарна бомба, во рок од неколку месеци. Гроси рече дека американските напади врз три ирански постројки предизвикале сериозна, но не целосна штета, што е во спротивност со тврдењето на Доналд Трамп дека нуклеарните капацитети на Иран се целосно уништени. Инспектори на ИАЕА се моментално во Иран, но немаат пристап до нуклеарните постројки.
Некои ирански функционери го обвинија Гроси дека му помогнал на Израел да ги оправда своите напади.
„Нема никакви закани кон Гроси. Инспекторите се во Иран и безбедни се, но нивните активности се суспендирани. Тие немаат пристап до нашите постројки. Нашата проценка е дека тие не си ја завршиле работата“, кажа Иравани.
Тој додаде дека Иран би можел да ги префрли своите залихи на збогатен ураниум во друга држава, ако се постигне договор со САД за иранската нуклеарна програма. Се верува дека Иран располага со девет тони збогатен ураниум, од кои 400 килограми се со чистота од 60%, што е блиску до нивото потребно за атомско оружје.