ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА 25-ГОДИШНИКОТ КОЈ ПРЕГАЗИ ПЕШАК НА КЕЈОТ ВО СКОПЈЕ, ВЕЌЕ БИЛ ОСУДУВАН

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА 25-ГОДИШНИКОТ КОЈ ПРЕГАЗИ ПЕШАК НА КЕЈОТ ВО СКОПЈЕ, ВЕЌЕ БИЛ ОСУДУВАНОсомничениот возел преку површина наменета за движење на пешаци,не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.(Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје бара притвор за 25-годишен скопјанец кој со мотор прегази 68-годишник на кејот на Вардар кај Паркот на франкофонија. Како што соопштија од Обвинителството донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишниот. Тој е осомничен за  Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, но и за кривично дело Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

    Осомничениот, на 1 јули управувал мотоцикл „кавасаки“ без регистарска табличка на задниот дел,  по пешачката патека покрај зграда на улицата Јован Хаџи Константинов – Џинот. Возел преку површина наменета за движење на пешаци,не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.

    „Иако бил свесен дека поради тоа може да настапи штетна последица, осомничениот се согласил со нејзино настапување и кога дошол во близина на зградата, брзината на движење на моторот не ја приспособил. Освен тоа, управувал без да поседува возачка дозвола и на недозволено место, па со левиот страничен дел од мотоциклот удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, кој се движел по пешачката патека. При ударот, оштетениот останал да лежи повреден на патеката, а возачот и неговиот сопатник паднале на коловозот“, велат од Обвинителството.

    Пешакот се здобил со тешки телесни повреди поради кои следното утро починал, а полесно повреден бил и сопатникот на моторот. Наместо да укаже помош, осомничениот го оставил мотоциклот и другите двајца повредени и пеш го напуштил местото.

    „Фактот дека осомничениот веднаш по настанот избегал од местото на несреќата и извесен период бил недостапен за органите на прогонот, за јавниот обвинител е потврда за опасноста тој повторно да се даде во бегство доколку биде пуштен да се брани од слобода. Освен тоа, станува збор претходно осудувано лице, кое и на критичниот ден направило две кривични дела едно по друго, што упатува на опасноста тој да го повтори делото или да стори друго кривично дело и затоа се бара мерка притвор“, додаваат од Обвинителството.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира