ЕВАКУИРАНА ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО БАРДОВЦИ ПОРАДИ ПОЖАР КОЈ СЕ ПРОШИРИЛ ОД НАСЕЛБАТА ГЕГЕ И ГО ЗАФАТИЛ ДВОРОТ

    ЕВАКУИРАНА ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО БАРДОВЦИ ПОРАДИ ПОЖАР КОЈ СЕ ПРОШИРИЛ ОД НАСЕЛБАТА ГЕГЕ И ГО ЗАФАТИЛ ДВОРОТПожарот е ставен под контрола, сите пациенти се безбедно евакуирани. (Фото: ЦУК)

    Евакуирани се пациентите и вработените во Психијатриската болница во Бардовци поради пожар. Како што информираат од Центарот за управување со кризи, пожарот избувнал во населбата Геге, се проширил кон населбата Бардовци и зафатил дел од површината на дворот на болницата, обраснат со висока сува трева и дрвја.

    „Пожарот претставуваше опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Веднаш беше пристапено кон евакуација на пациентите и персоналот, кои беа безбедно изнесени надвор од кругот на болницата“, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    Од ЦУК биле побарани дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и помош од хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи.

    „Првично се разгледуваше можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствуваше во Општина Чучер Сандево кај Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци. Но, во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце“, велат од ЦУК.

    Од Министерството за здравство информира дека ситуацијата е целосно ставена под контрола и дека во болницата има присутен дежурен медицински и административен персонал и активно ќе ја следат состојбата.

    „Од безбедносни причини, во краток временски период беше спроведена превентивна евакуација на дел од пациентите и вработените. Навремената и координирана интервенција на надлежните служби спречи проширување на пожарот кон болничките објекти. Не е причинета никаква материјална штета врз објектите и не се регистрирани повредени меѓу пациентите и персоналот. Пожарот зафати само дворот, обраснат со сува трева и истиот е успешно локализиран.

     

    .

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира